Разрешен и државниот правобранител Фехми Стафа кој спореше со Муареми
Јавното обвинителство ја истражува улогата на Стафа во случајот со конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан, за кој пак тој поднесе кривична пријава против директорот на финансиската полиција Муареми.

Стафа на функцијата државен правобранител дојде во 2018 година како кадар на Алтернатива, а шестгодишниот мандат требаше да му истече во 2024 година. Одлуката била донесена на денешната владина седница. На истата, бил избран и наследник на Арафат Муареми, на позицијата директор на Управата за финансиска полиција. Муареми се повлече пред да му истече мандатот како вршител на должноста за, како што истакна, да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот на постапката која против него и Управата ја поведе обвинителката Вилма Русковска.
Инаку, досегашниот правобранител Стафа претходно поднесе пријава против Муареми, но и обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро, за постапката за конфискацијата на имотот на Трансмет од случајот „Труст“. Во меѓувреме и Управата за финансиска полиција отвори предмет за државниот правобранител Стафа, а Јавното обвинителство ја истражува и неговата улога, односно на Државното правобранителство во случајот со конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан.
Исто така, на почетокот од годинава беше објавено дека од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, имало низа исплати кон ТВ презентерката и несудена конзулка Бесрима Ејупи, од каде преку 11 трансакции, главно во износ од по 24.900 денари, ѝ се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруари годинава. Од ДКСК посочија дека Ејупи добивала пари за непостоечки работни позиции.