Разногласие меѓу „реформаторите“ и „иницијаторите“ во ВМРО-ДПМНЕ


Иницијативниот одбор за свикување конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ги демантира ставовите на Петар Богојевски изнесени во „Слободен печат“ во текстот насловен „Фингиран или реален судир за партискиот трон во ВМРО-ДПМНЕ“.
„Иницијативата за одржување на вонреден конгрес за избор на ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ е искрен обид за спас на партијата, нејзино реформирање и враќање на победничките патеки. Какво е влијанието на Мартин Протуѓер врз Христијан Мицкоски не можеме да кажеме, но тоа што можеме со сигурност да потврдиме е дека тој не се придружи на иницијативата со која што се побара одговорност и оставка од сѐ уште актуелниот претседател Мицкоски. Можеби Протуѓер стои зад Мицкоски и го поддржува да опстои на функцијата смислувајќи стратегии, но тоа си е исклучиво нивен меѓусебен однос.
Иницијативниот одбор е составен само од мал дел од членовите на партијата кои изминатиов период се приклучија и го поддржаа барањето за промени. Никој не ја киднапирал, ниту може да ја киднапира иницијативата. Добредојдени се сите кои го споделуваат ставот дека актуелното раководство ги истроши сите кредити и дека нема капацитет да ги придобие симпатиите на јавноста.
Секој обид да се фрли дамка на искрените намери на иницијативата е обид да му се помогне на сѐ уште актуелниот претседател Мицкоски и да му се обезбеди уште една сигурна победа на СДСМ на наредните избори“, стои во реакцијата.