Разликите со Бугарија остануваат, каков ќе биде исходот од претстојниот самит на ЕУ
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не може да каже точно каков ќе биде исходот од претстојниот самит на ЕУ и дали Република Северна Македонија ќе ги почне преговорите со Унијата во јуни, оти остануваат разликите со Бугарија. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, порачува дека нашата позиција е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни.
Османи информира дека сите разговори се по однос на португалскиот предлог, а Владата и на билатерална основа комуницира со Република Бугарија и дипломатите на двете држави се обидуваат да ја организираат втората меѓувладина комисија, да го договорат акцискиот план и патоказот ако евентуално има договор.
Османи најави дека утре треба да има средба со премиерот и со претседателот на Бугарија Румен Радев во рамки на самитот на НАТО. Ја најави и средбата в четврток со неговиот бугарски колега, потенцирајќи оти секоја минута е битна за да се испорача решение и да се деблокира процесот.
Османи потенцира дека Владата не бега од обврските за исполнување на Договорот за добрососедство и без ЕУ мониторинг. Но, подвлече, доколку тоа значи повеќе доверба на Република Бугарија дека имплементацијата ќе биде неповратна и одржлива, тогаш Советот за асоцијација и стабилизација е добро решение, притоа зачувувајќи ги принципите на ЕУ и на нашата земја, дека тоа не треба да биде од преговарачкиот процес и Копенхашките критериуми, не само заради нас туку заради тоа што се воспоставува преседан што потоа, утре ќе ги блокира сите земји во регионот.
– Очигледно и вие забележувате една невообичаена зголемена активност од сите земји членки и едно јасно искажување на ставот. И не само од претседателот Макрон, меѓутоа и од други официјални лица на земјите членки на ЕУ дека прашањето на кредибилитетот на европската идеја во регионот се сведува на Република Северна Македонија. Ако на ова перфектно досие не се одговори позитивно, навистина се создава сомнеж во регионот колку е веродостоен овој проект. Мислам дека тоа го чувствуваат земјите членки, јавно ја вреднуваат нашата работа, нашите постигнувања со квалификации коишто се невообичаени од типот дека нашата приказна станува модел за прогрес на земјите од регионот кон ЕУ, меѓутоа остануваат разликите со Република Бугарија. Јас не сум во состојба во моментот да кажам каков ќе биде исходот на 22 јуни, изјави вчера Османи.
Според министерот Османи, единствениот предлог на маса е португалскиот предлог за кој, како што рече, сметаме дека е добра основа за решение.
– Предлогот на Португалија предвидува мониторинг од страна на ЕУ на имплементацијата на Договорот за пријателство од 2017 преку патоказ којшто има јасни рокови и институции одговорни за имплементација, а којшто ќе биде мониториран во рамки на Советот за асоцијација и стабилизација, којшто се одржува еднаш годишно, а го водат високиот претставник, во случајот Борел од страна на ЕУ и министерот за надворешни работи, но се присутни сите земји членки и секој заклучок од Советот мора да биде одобрен со консензус од сите земји членки, објасни вчера Османи.
Според него, прашањето на одложување на европската перспектива на регионот има сериозни геополитички консеквенции.
Во однос на работата на Историската комисија, Османи вели дека е тоа важна компонента на Договорот за добрососедство и оти досегашните резултати не се за занемарување, но,дека не треба да очекуваме тоа да се заврши за една година.
Во меѓувреме се испраќаат економски советници во седиштата на Светската трговска организација, Светската организација на храна, во Брисел, Чикаго и Софија
Министетството за економија ќе прати тројца свои професионалци како економски советници во седиштето на Светската трговска организација (СТО) во Женева, потоа во Брисел – кој ќе биде задолжен за земјите од Бенелукс, и еден во Генералниот конзулат во Чикаго, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе прати во седиштето на Светската организација на храна (ФАО) во Рим. Покрај нив, ќе има и економски советник во нашата Амбасада во Софија, кој ќе биде единствен во регионов.
Ова е втор дел од пилот-проектот на Министерството за надворешни работи за економска дипломатија, откако неодамна беа назначени четворица економски советници во Минхен, Варшава, Анкара и Абу Даби.
Трите министерства ова го договорија со Спогодба, која шефот на дипломатијата Бујар Османи ја потпиша со министерот за економија Крешник Бектеши и со заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.
На заедничката прес-конференција, вчера Османи рече дека се избрани земјите за кои сметаат дека треба да се во фокусот на економската дипломатија.
Османи информира дека во рамки на пилот-проектот, вклучен ќе биде и економски советник во нашата Амбасада во Софија, единствен во регионот, со цел да се подобри економската соработка и трговија со Бугарија која долг период до потпишување на Договорот страдаше, а и поради влошувањето на политичките односи што се одразува и на економските. Советникот за Софија ќе биде избран на конкурс објавен пред неколку дена и кој се уште е во тек. Тој ќе треба да ги следи економските активности, соработката помеѓу бизнисите, можноста за инвестиции од двете страни, комуникацијата помеѓу луѓето, туристите…
Во интервју за словенечкиот весник „Дело“, министер за внатрешни работи Оливер Спасовски оценува дека полесно ќе ја одбраниме Европа од криминалот ако бидеме дел од ЕУ, а нашата позиција е јасна: ние сме на европскиот пат и притоа сме доследни.
– Мнозинството граѓани сакаат да влеземе во ЕУ, целиот регион нема алтернатива во однос на членството во ЕУ. Ќе сториме сè за да ја постигнеме целта и да ги започнеме преговорите со ЕУ. Се надевам дека ќе се случи поместување уште пред почетокот на словенечкото претседателство на Советот на ЕУ, наведува во интервјуто Спасовски.