Разговорите во роаминг со земјите од ЕУ поевтини за 30 отсто, од 2028 година ќе се изедначат со домашните


Фото; Б. Грданоски

Македонските граѓани кои патуваат во земјите на Европската унија од 1 овој месец за роаминг плаќаат 30 отсто помалку како резултат на договореното намалување на трошоците за роаминг. 

„Од 1 октомври стапи во сила договорот помеѓу операторите на Европската унија и операторите од Западен Балкан за намалување на цените на роаминг-податоците во склоп на процесите на Европската унија. Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисмените од Република Северна Македонија, кога ќе одат надвор, веќе имаат 30 отсто помали трошоци за роаминг и обратно, граѓани од Европската унија ќе имаат 30 отсто намалени трошоци за роаминг“, изјави денес министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Тој додава дека се договоринитермини за целосно намалување на цените на услугите во роаминг и нивно изедначување со домашните цени на услуги од телефонските оператори.

Тој посочи и дека се мапирани активности кои предвидуваат уште едно намалување во 2026 година за 30 отсто и се очекува во 2028 година цените за роаминг да бидат исти како цените на тие услуги што ги има на домашниот пазар.

„Тоа значи дека во 2028 година ќе имаме исти цени и во и надвор од државата“, рече Алиу.

Според него во наредните денови операторите се очекува да излезат со конкретни понуди и пакети што ќе им ги понудат на корисниците.

Намалувањето на цените за услуги во роаминг меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан беше  договорено на самитот ЕУ – Западен Балкан во декември 2022 година кога 38 телекомуникациски оператори потпишаа декларација за сообразност, за значително намалување на јазот помеѓу роаминг тарифите и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од ЗБ.