Разговори за соработка на Македонија, Србија и Албанија за енергетската криза и за стратешки проекти


Солидарноста и соработката во моменти на енергетска криза, подготовките за претстојната зимска сезона, реализацијата на заеднички проекти во изградбата на енергетската инфраструктура и зајакнувањето на регионалната енергетска безбедност се клучни задачи за сите земји членки на иницијативата „Отворен Балкан“, се согласија на денешната онлајн средба претставници на Министерството за рударство и енергетика на Србија, Министерството за инфраструктура и енергетика на Албанија и Министерството за економија на Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Белград.

На средбата се разговараше и за подготовка на заеднички, регионален кризен план, можности за складирање на енергенти, пред се на гас, балансирање на електрична енергија, како и за создавање заеднички фонд за финансирање идни проекти кои се од големо значење за сите три земји, соопштија по средбата од срспкото Министерство за рударство и енергетика.

Средбата преставува продолжение на разговорите од Тирана на крајот на јули, кога министрите на Албанија и Северна Македонија ја прифатија иницијативата на потпретседателката на Владата на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ, за потребата од формирање заедничка работна група за соработка во енергетската криза и за стратешки проекти во рамките на „Отворен Балкан“.

На денешниот состанок на заедничката работна група се разговараше за можностите за реализација на конкретни проекти, пред се кога станува збор за соработка во текот на зимската сезона, имајќи го предвид растот на цените на европските пазари, како и за новите енергетски капацитети кои користат ОИЕ, изградба на гасни интерконекции и капацитети во идниот ЛНГ терминал во Албанија, како и на поврзувањето во високонапонската мрежа, се наведува во соопштението.