Разгалениот син на пријателот на Путин, на кој татко му „плати“ за место во Ф1, доби отказ

Никита Мазепин, синот на добриот пријател на Путин, рускиот милијардер Димитри Мазепин, е отпуштен од тимот на ХААС


Американскиот Ф1 тим ХААС го раскина договорот со рускиот возач Никита Мазепин (22) и спонзорите – рускиот хемиски гигант Уралкали, инаку фирма на неговиот татко Дмитриј, близок пријател на Путин.

Својата одлука тимот на Гунтер Штајнер ја објави на социјалните мрежи.

„Тимот на ХААС Формула 1 одлучи да ги раскине договорите со спонзорот Уралкали и возачот Никита Мазепин. Како дел од заедницата на Ф1, нашиот тим е шокиран и тажен од инвазијата врз Украина и сака мирно решение на конфликтот.”

 

„Многу сум разочаран кога дознав дека мојот договор во Ф1 е раскинат. Иако ги разбирам тешкотиите, одлуката на ФИА (Меѓународната автомобилистичка федерација да им дозволи на руските возачи да се натпреваруваат под условите) и мојата подготвеност да ги прифатам предложените услови да се продолжи, се целосно игнорирани и во овој едностран пристап не се почитува никаква процедура“, одговори Мазепин на социјалните мрежи.

Кој ќе го замени во ХААС не е објавено, но тоа треба да биде познато пред вториот и последен претсезонски тест во Бахреин од 10 до 12 март.

Никита Мазепин (23) е син на рускиот милијардер и олигарх Дмитриј Мазепин, акционер во групацијата Уралкали, специјализирана за производство на калиум карбонат.

На последниот ден од првите претсезонски тестови во Барселона на 25 февруари, ХААС веќе ги симна руските бои на Уралкали кои вообичаено ги носи неговиот болид.

Промоторот на Светското првенство во Формула во четвртокот објави дека дефинитивно го раскинува договорот со промоторот на Големата награда на Русија, чие издание во 2022 година требаше да биде последното што ќе се организира во Сочи пред да се пресели во Санкт Петербург.