Разбојници упаднале во куќата на голманот на ПСЖ, се заканувале дека ќе ја убијат неговата сопруга


Голманот на Пари Сен Жермен, Александре Летелие (33) бил цел на вооружени разбојници заедно со неговото семејство, а трагедијата била спречена со брзата реакција на полицијата.

Четворица разбојници упаднале во куќата на Летелие во Хардрикорт околу 2 часот по полноќ ноќта помеѓу понеделникот кон вторникот.

Голманот на ПСЖ ги разбудил сопругата Клои и двете деца (6 и 2 години) и повикал полиција, а во моментот на повикот разбојниците му наредиле да го прекине повикот под закана со пиштол.

Тие побарале од голманот да им предаде пари и накит, а и се заканиле дека ќе ја убијат неговата сопруга доколку не го стори тоа. Дека се сериозни покажале удирајќи ја неговата сопруга додека таа во рацете држела двегодишно дете, пренесува Le Parisien.

Полицијата брзо реагирала врз основа на информациите кои Александре можел да им ги даде, а тие упаднале во куќата и успеале да уапсат тројца разбојници, додека по четвртиот се уште трае потрагата. Двајца од уапсените се 16-годишни малолетници, а еден има 21 година. Во акцијата е повреден и еден полицаец.

Ова не е прв пат играчите на ПСЖ да бидат мета на разбојници. Во јули, Џанлуиџи Донарума и неговата девојка беа врзани и ограбени, во мај 2021 година куќата на Анџело Ди Марија беше ограбена, а таткото на Маркињос беше киднапиран.