Разбиен меѓународен педофилски синџир, уапсени 337, се плаќало во биткоини
Истражителите од САД, Јужна Кореја, Германија и други земји успеаја да сопрат за сега најголем сајт за детска порнографија на мрачниот интернет.
Во врска со овој случај, ширум светот до сега се уапсени и обвинети 337 корисници на платформата, соопшти во средата американското Министерство за правда.
Спасени се 23 деца, кои биле изложени на недолични злоупотреби, се наведува во соопштението.
Платформата „Welcome to Video” функционирала со посредство на анонимни уплати во биткоини.
Запленети се осум терабајти податоци, од кои 250.000 порнографски видео-снимки со деца.
Речиси половина од фотографиите и видео-снимките не се појавувале на ни едно друго место на интернет.
На платформата биле регистрирани милион биткоин адреси.
За управување со страницата обвинет е 23-годишен маж од Јужна Кореја, кој во САД е обвинет по осум точки.
Како што се дознава, Џонг Ву Сон порано бил осудуван и во Јужна Кореја, каде се наоѓа во затвор.
Меѓу уапсените корисници на платформата има од Велика Британија, Јужна Кореја, Саудиска Арабија, ирска, Шпанија, Бразил и Германија.
Платформите на даркнетот, како што е „Welcome To Video”, потешко се откриваат и им овозможуваат на корисниците поголема анонимност од обичните интернет-страници.