Расветлено убиството на човекот најден во резервоар кај браната „Турија“

Секторот за внатрешни работи Струмица, до ОЈО Струмица, поднесе кривична пријава против М.В (54) од село Добрејци, поради постоење основано сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „убиство “, извршено од користољубие на подмолен начин врз А.М (62) од Струмица.

Имено, на 13.10.2018 во СВР Струмица, од страна на роднина на А.М. пријавено е дека на лицето му се губи трага. Од страна на СВР-Струмица во координација со јавен обвинител преземени се низа оперативно-тактички мерки и активности.

Утврдено е дека на 9.10.2018, покојниот А.М. остварил телефонски контакт со пријавениот, по што се сретнале и заедно отишле во адвокатска канцеларија во Струмица, каде бил изготвен писмен меѓусебен договор за купопродажба на недвижен имот помеѓу А.М. како продавач и пријавениот како купувач, за цена од 18.200 евра. Договорената сума на пари за купопродажба на имотот не била исплатена во адвокатската канцеларија, а адвокатот го предупредил пријавениотпарите да ги исплати на трансакциска сметка.

Истиот ден,пријавениот го извршил убиството врз А.М. во неговиот деловен објект во село Добрејци, каде го повикал со изговор да му ги исплати парите за купената деловна просторија, така што го застрелал со огнено оружје со калибар 5,6 мм, а потоа го ставил телото во метален камионски резервоар за гориво, и го потопил во водите на брана „Турија“ на место викано „Рајанци“.

На 5 август 2019 околу 15 часот, на брана „Турија“ кај место викано „Рајанци“ пронајден е метален камионски резервоар за гориво со машки труп во него.

Од извршената обдукција во Судска медицина Скопје утврдено е дека пронајдениот машки труп е А.М.. При обдукцијата бил изваден проектилот со кој бил застрелан при што е утврдено дека се работи за проектил со калибар 5,6 мм, исто како во случајот со претходно убиство на Р.И. од Струмица, чие тело беше пронајдено исто така во водите на брана „Турија“ во непосредна близина на местото каде е пронајден А.М., за што СВР Струмица веќе поднесе кривична пријава до ОЈО Струмица поради основано соменавање дека пријавениот сторил кривично дело „убиство“.

По наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Струмица пријавениот се наоѓа во притвор поради основано сомнение дека е сторител на кривично дело „убиство“.