Растот на БДП во првиот квартал 4,1 отсто


Растот на економијата во првиот квартал од годинава достигна 4,1 отсто. Ова го соопшти премиерот Зоран Заев во обраќање пред пензинерите на Републичка ревија на песни музика и игри 2019 година.

-Кога економијата расте над четири отсто и го достигнува потенцијалот тогаш и пензиите растат и тоа е фер. Денеска на прес-конференција ќе соопштиме дека БДП за првиот квартал од оваа година е 4,1 отсто, што значи дека ќе има динамично растење на пензиите и ако продолжиме со овој тренд тоа значи дека покрај редовното усогласување со трошоците на живот ќе имаме димензионирано сериозно растење на пензиите затоа што вкупната вработливост лани, односно од првиот квартал 2018 до 2019 година се вработени нови 40 илјади луѓе. Фондот за пензиско во приходите расте со 8 отсто, а тоа значи покачување на вашите пензии, рече премиерот Заев.

Пензионерите, според премиерот, се нашите најзаслужни граѓани бидејќи активно учествувале во изградбата на државата. Потсети дека Владата и Министерството за труд и социјална политика ги исправиле, како што кажа, неправдите и сега два пати годишно има усогласување на пензиите со трошоците на живот.

-Ова законско усогласување од една страна ги усогласува пензиите со трошоците на живот, од друга страна го штити Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да можат и идните генерации пензионери да очекуваат стабилни и навремени исплати на пензиите. Растот на пензиите сега е поставен на реални основи и се врзува на економскиот раст, рече премиерот.

Заев кажа дека Владата продолжува да работи на создавање на поквалитетно општество.

Пензионерите покажуваат дека сте вистински чувари на нашата традиција, на нашето културно богатство, на песните и ората и на народните обичаи. Ревијата се одржува под покровителство на Владата на Република Македонија и премиерот Зоран Заев.

Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова истакна дека на Ревијата учествуваат 25 здруженија од вкупно 53 здруженија членки на Сојузот, а и претходеа осум регионални ревии.