Растенијата „врескаат“ кога се под стрес, но кој ги слуша?
Најнова студија тврди дека растенијата кога се под стрес освен други работи испуштаат и звук, иако научниците не знаат како го прават тоа.
Кога се под стрес, растенијата можат да го променат својот мирис, боја и облик. Научниците овие промени ги објаснуваат со што на тој начин растенијата им сигнализираат на останатите растенија во близина дека постои опасност, но и да привлечат животни што можат да им помогнат во одбрана од штетници.
Најновата студија покажа дека тие емитуваат уште еден вид сигнал, и тоа во вид на звук. Иако ова сѐ уште е непознат терен и самиот феномен не е потполно истражен, еволуционерниот биолог Лилах Хадани од Универзитетот во Тел Авив објаснува дека ние не можеме да ги слушнеме.
Домат и тутун како испитаници
За нешто подетално да кажат на оваа тема, Хадани и колегите прво во звучно изолирана акустична комора снимале растенија домат и тутун и тоа во различни услови изложувајќи ги на различни стресови. Потоа сето тоа го повториле и во стакленик.
За да добијат конечни резултати, направиле алгоритам кој морал да ги разликува звуците што растенијата ги произведувале во моментите кога не се наоѓале под стрес и кога биле под стрес.
Нивниот конечен заклучок е дека растенијата во нормални околности емитуваат звуци на пукнување или кликање на високи фреквенции кои човековото уво не може да ги регистрира. Спротивно од тоа, кога се под стрес тие се погласни и побрзо емитуваат звук, во зависност од видот на растението.
Сепак, научниците истакнуваат дека пред нив е тешка работа бидејќи сѐ уште не се сигурни на кој начин се произведуваат тие звуци. Покрај сето наведено и натаму никој не може да тврди дека растенијата имаат чувства и дали реагираат на нив.
„Знаеме дека растенијата емитуваат звуци, па прашањето што следи е – кој ги слуша? Моментално ги истражуваме одговорите на овие звуци од други организми, и животни и растенија, а исто така ја истражуваме и нашата способност да ги идентификуваме и интерпретираме звуците во целосно природно опкружување“, вели Хадани.