Расте интересот кај кумановските компании за поставување фотоволтаици


Расте интересот кај кумановските компании за поставување на фотоволтаици, информираа денеска надлежните од Секторот за урбанизам. Претходно имало по едно до две барања во месецот, сега поради поскапувањето на енергенсите во општината пристигаат по две барања неделно. Најчесто барања понесуваат производните капацитети, но не заостануваат ниту големите продажни објекти.

-Правните лица коишто сакаат да поднесат барање за поставување на фотоволтаици мора да го имаат регулирано статусот на објектот на кој ќе го постават, односно да биде запишан на имотен лист, потребно им е потоа и изготвен проект фаза, архитектура, градежништво и електрика и ревизија на проектот, изјави раководителката на секторот, Емилија Сларидис Јаневска.

Од општина Куманово велат дека досега издале пет решенија и дека постапката е брза и се спроведува во рок од 15 до 20 дена, доколку документацијата е комплетна.

– Се завршува брзо, доколку поднесената документација е изработена согласно законот и правилниот, во спротивно се носи заклучок за прекин на постапка и по усогласување се пристапува кон одобрување. Претходно беше до два киловата да не се бара лиценца, сега со измените за физичките лица е до четири киловати. Досега немаме поднесено барање или одобрено за поставување на вакви фотоволтаици од ниту едно заинтересирано физичко лице, појасни Сларидис Јаневска.

Минатиот месец Локалниот економско-социјален совет од Општина Куманово одржа работна средба со претставници на локалните институции и компании, на која стручни лица ги презентираа придобивките од поставување на соларни фотонапонски панели. На средбата беа дискутирани конкретни мерки кои компаниите и институциите можат да ги преземат за ублажување на последиците од енергетската криза. Претставници од бизнис заедницата споделија искуства од процесот за производство, поставување и презентираа позитивни примери на поставени соларни фотонапонски панели во компании. На средбата присуствуваа и претставници од општински институции и установи, како училишта, градинки.