Расте гневот во Грција против владата за лошото справување со поплавите

Владата на Мицотакис покажа дека не умее да се справува со природните катастрофи, како пожарите и поплавите, обвинува опозицијата


 

АТИНА – Владата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис е под жестоки критики поради справувањето со уште една природна катастрофа, бидејќи бројот на жртвите од силните поплави во централна Грција се искачи на 10 лица, а обемот на катастрофата остана непознат.

Со цели села под вода, спасувачките екипи со хеликоптери, чамци и булдожери продолжија во саботата да ги евакуираат жителите од покривите, поради стравувањата дека бројот на исчезнати може нагло да се зголеми. Локалните медиуми известуваат за апокалиптични сцени со мртви тела кои лебдат во водата.

Поплавите уследија по масовните шумски пожари од минатиот месец во регионот на Атина, кои исто така предизвикаа обвиненија за недоволна подготовка за катастрофи.

Дождовите што започнаа во вторникот ги претворија потоците во бесни порои кои пукнаа брани, однесоа патишта и мостови и фрлаа автомобили во морето. Потоците од кал стигнаа до покривите на куќите во неколку села.

Тесалиската рамнина, која сочинува повеќе од 25 отсто од земјоделското производство во земјата, практично се претвори во огромно езеро. Поплавените подрачја останаа без струја и вода за пиење. Регионалниот гувернер на Тесалија, Костас Агорастос, изјави за државната телевизија дека штетите од невремето се проценуваат на 2 милијарди евра или повеќе.

Експертот за управување со катастрофи, Ефтимиос Лекас, изјави за државната телевизија дека ќе бидат потребни најмалку 5 години за да се обнови штетите во земјоделскиот сектор и рамнината повторно да стане плодна.

„Сè уште не го сфативме степенот на штетата“, рече тој. „Се соочуваме со катастрофа, … која може да биде поголема, економски гледано, од земјотресот во 1999 година, кој беше најголемата катастрофа во поновата историја на нашата земја“.

Лариса, еден од најголемите градови во Грција со население од околу 150.000 жители, е во состојба на готовност, бидејќи нивото на реката Пиниос на места порасна за повеќе од 10 метри во текот на ноќта. Издадени се наредби за евакуација на неколку области.

Грчкиот весник „Катимерини“ ја опиша „конфузијата“ во комуникацијата околу реакцијата по почетокот на поплавите. Поради тоа, неколку часа не се појавија спасувачки возила и персонал на противпожарната бригада или армијата, пишува весникот. Исто така, се вели дека од 12-те авиони за пребарување и спасување „Супер пума“ само 4 можат да летаат, а само 2 имале доволно часови на располагање за оперирање во Тесалија.

Прогнозите за количината на врнежи од дожд што ќе се случат и ризикот од поплави останаа без внимание, објави информативната веб-страница ieidiseis.gr.

„Катастрофата го има потписот на расипаната ‘извршна држава’ на Мицотакис“, рече Ефи Ахтисиоглу, пратеничка од Сириза, главната опозициска партија. Сириза повика на итно ажурирање на бројот на исчезнати.

Водачот на социјалистите, Никос Андрулакис, рече дека неуспехот на владата да создаде рамка за справување со природните катастрофи ја направи Грција „поранлива“ на климатските промени.

Мицотакис го посети регионот во петокот и вети целосна поддршка и ресурси за помош на погодените области. „Ги разбирам и гневот и бесот“, рече тој. „Сакам да знаете дека ќе сториме сѐ што е човечки возможно“.

Тој истакна дека ќе побара „максимална поддршка“ од ЕУ за операцијата за опоравување. Тој во коментар за медиумите рече дека веќе испратил писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и веќе започнале разговори меѓу Атина и Европската инвестициска банка за заем.

Мицотакис го одложи говорот на Солунскиот саем, годишно обраќање во кое премиерот традиционално ја открива главната економска политика на владата. Сириза го одложи изборот на нов партиски лидер закажан за в недела.

Агорастос, гувернерот во Тесалија, повика да се одложат регионалните избори закажани за 8 октомври.

„Наместо да бара одложување на изборите, Агорастос треба подобро да даде одговори за милионите [евра] што ги доби за проектите за контрола на поплавите по Јанос“, другата бура што ја погоди Грција во септември 2020 година, објави пратеникот на Сириза Насос Илиопулос на социјалните мрежи.

Агорастос во саботата бил нападнат од гневни локални жители во погодената област и полицијата морала да интервенира, јавуваат локалните медиуми. (Политико)