Расте бројот на заболени во „Сју Рајдер“ во Битола, досега има 12


Досега има вкупно 23 потврдени инфекции во хосписот. Сите заболени имаат лесна клиничка слика

БИТОЛА – Дванаесет пациенти згрижени во хосписот за палијативна нега „Сју Рајдер“ во Битола се ковид позитивни, потврдуваат од  Центарот за јавно здравје Битола.

„Епидемиолозите се на терен. Двајца пациенти беа позитивни уште во петокот, а од викендов уште десет се позитивни на Ковид-19. Денес се земаат брисеви уште од една група. Има и неколку од вработените кои имаат симптоми и сега се дома, па и тие ќе се тестираат“, велат од ЦЈЗ.

Влезот за невработени лица во хосписот е забранет, како и за членови на семејствата на згрижените пациенти.

Во овој хоспис кој е испостава на ЈЗУ Геронтолошкиот завод од Скопје, најголем дел од пацентите се терминално болни. Капацитет на хосписот е  70 легла.

Денеска од болницата информираат дека почина пациент од Битола на 78- годишна возраст. Три дена со ред во болнички услови има по еден починат пациент така што бројот на починати од почетокот на кризата се искачи на 23. Во ковид центарот во Битола до утрово се згрижени 61 пациент од Битола и регионот.

Во Битола до денес се потврдени 727 позитивни, а бројот на активни случаи се искачи на 298.

Епидемиолог Тони Коњановски од Центарот за јавно здравје вели дека статистиката од над 160 позитивни за една недела во Битола треба да опоменува. Коњановски апелира да не се кријат контактите.

„Ако имате позитивен случај во семејството, а вие или некој од најблиските пројавите слични симптоми, голема е веројатноста и вие да ги имате вирусот па не притискајте и не инсистирајте по секоја цена на тестирање на сите од фамилијата. Со тоа непотребно ја оптоваруваме лабораторијата и оневозможуваме тестирање на некој на кој тестот му е неопходен.
Информирајте ги вашите контакти (претпоставени, пријатели, колеги, фамилија) со кои сте биле во непосреден, незаштитен и близок контакт (без маски на растојание помало од метар и пол) и подолго од 15 минути. Битно е да ги нотирате сите контакти со кои сте биле во контакт најмалку два-три дена пред појавата на вашите симптоми па сѐ до добиениот позитивен трст“, вели епидемиологот Коњановски. (А.Б.)