Расте бројот на убиени носорози поради роговите


 

Во првата половина на 2022 година, Јужноафриканската Република регистрирала повеќе убиени носорози поради нивните рогови, објави Министерството за заштита на животната средина на земјата.

Во целата земја беа убиени десет носорози повеќе во споредба со првата половина од минатата година, со што нивниот вкупен број достигна 259.

Ловокрадството во ЈАР веќе е зголемено минатата година.

Јужна Африка е дом на околу половина од вкупната популација на загрозени црни носорози во Африка, а земјата е дом и на најголемата популација на бели носорози во светот.

Во светски познатиот национален парк Кругер се засилени напорите за зачувување на носорогот и будноста за ловокрадството, што ги натера ловокрадците да се префрлат на лов во приватни паркови и во провинцијата КваЗулу-Натал, покажаа податоците на министерството.

Ѕвездата во крикет и заштитник на носорозите, Кевин Питерсен, рече дека бројките за зголемувањето на ловокрадството се „катастрофални“.

Тука спаѓаат локални ловокрадци, но и меѓународни криминални организации кои ги шверцуваат преку граница. Од Министерството посочуваат дека најголема побарувачка има во Азија.

„Една од големата петорка во Африка ќе исчезне ако некако не ја запреме оваа сериозна ситуација“, рече Питерсен, мислејќи на петте најпознати африкански животни – носорогот, слонот, биволот, лавот и леопардот.