Расте бројот на пациенти со Ковид-19 во болница, ќе издржи ли здравствениот систем?


Фото: Б. Грданоски

Денеска во болница од Ковид-19 се лекуваат 843 пациенти, за разлика од вчера кога во болница имаше 793 пациенти заболени од корона вирус.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 12 пациенти. Вкупно се хоспитализирани 160 пациенти од кои на кислородна поддршка се 130 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се девет позитивни и едно дете суспектно на Ковид-19 и 22 возрасни пациенти, позитивни и суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ примени се осум пациенти. Вкупно се хоспитализирани 79 пациенти од кои на респиратор се двајца пациенти.

Во Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 30 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид-19.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 70, а во болницата во Штип се 52 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево, Кавадарци се хоспитализирани 421 позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Во повеќето болници и одделенија во кои се лекуваат пациенти со корона вирус, нема веќе слободни кревети ниту пак доволно кадар за прием на нови пациенти, особено во внатрешноста.

Во сите болници се размислува да се оспособат и други одделенија за прием на ковид пациенти, затоа што инфективните одделенија веќе се исполнети или има по кревет, два з=слободни.

Нема место и во модуларната болница до Инфективна и во ГОБ „8-ми Септември“, а Институтот за ТБЦ кој неодамна стана ковид-центар веќе се пополнува, додека следни ќе бидат Кожната клиника и Неврологија, каде се планира прием на овие болни.

И покрај алармантната состојба со болничките капациенти и недостигот на кадар, од Министерството за здравство тврдат дека ниту еден пациент нема да остане без здравствена нега, а најавија и дека 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните установи и ќе бидат вклучени во системот на ротација на персоналот за згрижување на сите болни, јави Сител.