Расте бројот на новозаразени и во Хрватска, денеска 688
Денеска во Хрватска има умерен раст на бројот на новозаразени, односно 688 на 7.763 тестирања, а починаа 15 пациенти.
Денешните бројки новозаразени значат дека уделот на позитивни меѓу тестираните е 8,86 отсто, додека вчера беше 5 отсто. Истиот ден, минатата недела, уделот бил 6,8 отсто.
Шефот на Кризниот штаб, Давор Божиновиќ најави дека денешниот раст ќе биде поголем од претходните денови, а рече дека растот не е експлозивен, но дека треба да се види причината и дали треба да влијае на попуштањето на мерките.
Активни случаи во Хрватска денеска се 2.679, од кои 791 пациент се лекуваат во болница, а 63 на респиратор.
До денеска се тестирани 1.321.336 лица, а 7.763 во последните 24 часа.
„Бележиме пораст од 30 отсто во една недела. Моменталната инциденца на 14 дена е 115.3. Според неа и натаму сме трети во Европа. Само две земји се подобри од нас. По стапката на смртност сме 19-ти во ЕУ“, вели директорот на Центарот за јавно здравје Крунослав Цапак.