Растат гласовите во Бугарија дека нема да има договор во јуни. На хорот се приклучи и историчарот Стефан Дечев
Како што се интензивираат разговорите околу португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Бугарија и Македонија, така се зголемува бројот на политичарите и историчарите во Софија кои мислат дека во јуни нема да се случи ништо позитивно. Пред некој ден тоа го изјави и известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук кога наеднаш ги снема неговите охрабрувачки и поттикнувачки најави. Денеска истото тоа во едно обемно интервју за бугарскиот медиум „Медијапул“ го вели познатиот историчар Стефан Дечев, познат по тоа дека не е следбеник на тврдата бугарска историографија во однос на Македонија.
„Не мислам дека до јуни има каква било можност за чекор напред во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а до декември мојот оптимизам е многу умерен“, вели во интервјуто Дечев. Историчарот вели дека „властите во Скопје поставија цел да започнат преговори со ЕУ во рамките на ротирачкото претседателство на Португалија“, објаснувајќи го тоа само како македонска желба, а не како геополитичка стратегија на ЕУ која треба да го стабилизира и унапреди регионот.
Дечев, кој е многу познат во македонските историски кругови и во блиски контакти со овдешните негови колеги, зборува и за грешките што ги направило Скопје во последниве неколку години, но и за бугарските грешки. Како и бугарските претставници во историската комисија и тој е против учество на странски историчари во расчистувањето на историските дилеми.
Тој вели дека договор „може да го постигнат добри, современи научници од обете земји, без помош од трети земји. Според мене, македонската страна излезе со сличен предлог за релативизирање на средновековниот период и идејата за само една бугарска историја до 1944 година. Ова е причината зошто Бугарија одби. Но, на Софија и на Скопје не им требаат странски експерти, туку отворање на медиумите во обете земји за дебата, а не само за гостите од списокот на двете министерства за надворешни работи“.
Според него, Бугарите мора да одлучат дали е „толку голем проблем што постои соседна, блиска, најблиска земја, но со свои специфики, со различно историско искуство, со друг, многу близок, но различен јазик и друга верзија на приказната“.
Дечев уште нагласува дека Бугарија влегла во ЕУ со историските приказни што ги проповедаше Божидар Димитров па никој не направил проблем околу тоа. „Што се однесува до историчарите тука, мора да имаме разбирање или барем да запомниме дека на 1 јануари 2007 година Бугарија влезе во ЕУ со популарна божидардимитровска и никој потоа не направи ‘попис’ на бугарскиот историски наратив и учебници. Затоа е некако навистина арогантно да се инсистира од такви позиции за промени раскажување приказни на другите пред да се погледне самокритично во сопственото раскажување приказни“, додава Дечев.
Историчарот додава дека можен бугарски потег е поизвесно признавање на денешниот македонски јазик и идентитет.
„Многу луѓе ќе ви кажат дека тие се признати. Но, начинот на кој тоа го прави Софија создава чувство на признавање на две историски недоразбирања, а не на легитимни историски производи. Но, дозволете ми да додадам одеднаш – Скопје понекогаш тврди дека тоа е доволно, но некои изјави од време на време даваат впечаток дека ниту ова нема да биде задоволително“, вели тој.
Тој нагласува дека „самодовербата и видливата неконструктивност на македонската страна“ во комисијата доаѓа од бугарската самодоверба дека 100% од вистината е на бугарската страна, како и од некои фундаментални моменти во бугарската позиција, кои се целосно непреводливи во јазикот на модерната историографија и социјалната и хуманитарната наука.
На прашањето кои се основните недостатоци на бугарската позиција Дечев наведува дека тоа „растечката агресивна презентација на 24 мај во бугарско-центрична рамка, без елементарно почитување на историските факти. Бугарија е без отворена поддршка во која било друга земја на ЕУ, не затоа што другите сметаат дека нема аргументи, туку затоа што тоа го прави на арогантен начин, и што е најважно затоа што не зборува на јазикот на европската политика и вредности… Исто така, сѐ почудно е што околу Втората светска војна, денешна Бугарија од 2021 година, членка на ЕУ, не се идентификуваше со својот широк антинацистички и антифашистички политички спектар од конзервативната десница кон левицата, туку со официјалната политика на проф. Богдан Филов и сојузот со Третиот рајх, како да е нешто сосема невино“.