Растат цените на нафтата – барелот денеска над 92 долари


Цените на нафтата денеска се зголемија на над 92 долари откако Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) соопшти дека пазарот на нафта е недоволно снабден, што ја засени загриженоста за инфлацијата и можноста за обновување на иранскиот извоз.

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 1,01 долар во однос на претходното затворање, на 92,42 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 1,15 долари поскапо, по 91,03 долари.

Во фокусот на трговците денеска беше пораката на ИЕА дека Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати можат да ги смират нестабилните пазари со поголемо производство.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници во јануари дневно произведуваа 900.000 барели помалку од планираното, соопшти ИЕА. Саудиска Арабија и ОАЕ имаат најмногу слободни капацитети за резерви и можат да го намалат притисокот врз резервите.

Токму намалените глобални резерви на нафта се еден од факторите што ги кренаа цените до 100 долари за барел, поттикнувајќи ја инфлацијата ширум светот, соопшти ИЕА.