Раст на трговскиот суфицит на ЕУ во последниот лански квартал


Европската Унија во четвртиот квартал од минатата година забележа суфицит во трговската размена со светот од 113,2 милијарди евра, што претставува негов раст во споредба со претходното тримесечје, кога изнесуваше 107,5 милијарди евра, како и споредено со последните три месеци од 2023 година, кога беше на ниво од 102 милијарди евра, покажуваат податоците на Европската статистичка агенција – Евростат. 

Во четвртиот лански квартал суфицитот на ЕУ во размената на стоки достигна 88,1 милијарди евра, а на услуги 47,4 милијарди евра. Во третиот квартал суфицитот во размената на стоки изнесуваше 86,1 милијарди, а на услуги 38,8 милијарди евра. 

Од друга страна сметката на примарниот доход оствари суфицит од 3,7 милијарди евра, што претставува намалување во однос на вишокот од 9,8 милијарди евра во претходното тримесечје, додека сметката на секундарниот доход забележа дефицит од 26,0 милијарди евра, што претставува негово намалување од 27,3-те милијарди евра во периодот јули-септември 2023 година. 

Дополнително, капиталната сметка оствари дефицит од 5,9 милијарди евра, што претставува намалување во однос на 7,6-те милијарди евра минус во претходниот лански квартал. 

Најголем суфицит во периодот октомври-декември 2024 година, ЕУ забележа во трговската размена со Велика Британија од 49,0 милијарди евра, по што следуваат Швајцарија со 28,3 милијарди, финансиските оф-шор центри со 21,7 милијарди, САД со 20,6 милијарди, Канада со 12,8 милијарди, Хонг Конг со 10,6 милијарди, Бразил со 8,4 милијарди и Јапонија со 7,9 милијарди евра).  

Од друга страна, најголем дефицит во трговската размена ЕУ има со Кина и тоа од 49,4 милијарди евра, по што следуваат Русија со 1,5 милијарди и Индија 1,3 милијарди евра. 

Гледано по земји членки, 18 од нив остварија суфицит во трговската размена со странство, осум забележаа дефицит, а една (Португалија) имаше баланс меѓу увозот и извозот на стоки и услуги. 

Најголем суфицит оствари Германија од 50,4 милијарди евра, пред Холандија со 38,9 милијарди, Ирска со 18,2 милијарди, Данска со 15,2 милијарди, Франција со 14,8 милијарди, Италија со 9,9 милијарди евра и Шведска со 9,7 милијарди евра. 

Од друга страна, највисок дефицит забележа Романија од 9,4 милијарди евра, пред Грција со 7,3 милијарди, Бугарија со 1,8 милијарди, Словачка со 1,7 и Хрватска со 1,6 милијарди евра.