Раст на цените на нафтата по падот на залихите во САД

Јужна Кореја– Цените на нафтата утрово се зголемија поради големиот пад на американските залихи, а фокусот на трговците сега е на претстојната средба на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници која треба да се одржи подоцна денеска, и од која се очекуваат понатамошни мерки за стабилизација на пазарот.

Цената на северноморската нафта „брент“ се зголеми за 22 центи, или 0,5 проценти, на 43,12 долари за барел, а фјучерсите за американската нафта WTI пораснаа за 23 центи или 0,6 отсто на 40,52 долари за барел.

Закрепнувањето на побарувачката на гориво, и покрај пандемијата на коронавирусот, резултираше со пад на американските залихи за 8,3 милиони барели во неделата до 10 јули, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите за пад од 2,1 милиони барели, соопшти Американскиот институт за нафта (АПИ).

Официјалните податоци на Управата за информации за енергетика на Министерството за енергетика на САД треба да бидат објавени вечерва.