Раст на бројот и вредноста на плаќања со платежни картички


Плаќањата на граѓаните со платежните картички во трговијата во земјата во четвртиот квартал од 2021 година забележале годишен раст од 25 проценти кај бројот и 21 процент кај вредноста на остварените трансакции, соопшти Народната банка. 

Истовремено, висок годишен раст на бројот и на вредноста на трансакциите од 21 и 33 проценти, соодветно, е забележан и кај плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози).

-Иако граѓаните сѐ уште ги иницираат плаќањата со кредитни трансфери претежно на шалтерите на банките (69 отсто), постепената промена на навиките со користење на придобивките од електронското банкарство е видлива и во последниот квартал од годината со висок годишен раст од 10 отсто кај бројот и 23 отсто кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. За извршување на електронските плаќања, висок годишен раст од 26 отсто се забележува кај употребата на мобилните апликации од страна на граѓаните, што повторно укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на поудобните дигитални канали за плаќање, се вели во соопштението од Народната банка. 

Менувањето на навиките на граѓаните, според НБ, придонело за висок годишен раст од 25 отсто на нивните плаќања со платежни картички во трговијата, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат, во текот на целата 2021 година.

-Во прекуграничен контекст на извршување на плаќањата со платежни картички, во текот на 2021 година со употреба на платежни картички издадени во земјата на уредите лоцирани во странство се остварени 8,8 милиони трансакции, што претставува висок годишен раст од 56% во значителен дел како резултат на олеснетите мерки за прекугранично движење на граѓаните во услови на пандемија. Најголем дел од овие трансакции се направени во земјите од регионот ‒ Србија и Грција. Во однос на интернет-трговијата, најголемиот број трансакции на виртуелните места на продажба се извршени во Луксембург и САД. Со странските платежни картички во текот на 2021 година се остварени 8,1 милион трансакции во нашата земја, што како резултат на олеснување на мерките за влез во државата бележи висок годишен раст од 83 отсто. Најголемиот број од трансакциите на уреди на физичките и виртуелните места на продажба се остварени со картичките издадени од САД и Обединетото Кралство, информираат од НБРМ.

Според податоците од Народната банка, 2,1 милион платежни картички биле во циркулација на крајот од 2021 година, од кои 68 отсто, независно од брендот и функцијата, се картички засновани на бесконтактна технологија. Со нив, граѓаните во земјата можеле на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата на солидна инфраструктура составена од 30.061 уред на физичките места на продажба во земјата, од кои дури 84 отсто ја поддржувале бесконтактната технологија. Притоа, бројот на картички заснован на бесконтактна технологија забележа годишен раст од 10 отсто, при истовремен годишен раст од 7 отсто и на уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат бесконтакната технологија. 

За прифаќањето на платежните картички како дигитален начин за извршување на плаќањата, согласно со најновите податоци за 2021 година, просечниот надоместок што прифаќачите на платежните картички (банките и другите финансиски институции) го наплатиле од трговците изнесува 1,19 отсто од вредноста на прометот и тој бележи намалување за 0,02 п.п., во споредба со 2020 година. Намалувањето на просечниот надоместок е пред сѐ резултат на намалувањето на надоместокот за 0,18 п.п. за плаќањата кај државните институции, понатаму 0,14 п.п. кај трговците со прехранбените производи, 0,13 п.п. кај бензинските станици и 0,12 п.п. во трговијата со текстил.