Расправата за уставните измени заврши, Џафери не го послуша Мицевски за гласањето


Расправата за промените на Уставот се исцрпи откако по говорот на премиерот Димитар Ковачевски се јавија за збор уште десетина пратеници.

Иако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ бараше гласањето да не се одложува, нешто што е дозволено деловнички, но според него не е демократски претседателот на парламентот сам за тоа да решава, Џафери експресно ја прекина седницата и најави дека продолжението дополнително ќе се закаже.

Практично, се повтори сценариото од расправата во Уставната комисија, но овојпат настапите беа поевропски, без навреди и препукувања, при што од најголемиот критичар за уставните измени, Левица, не се ни јавија за збор.  

По прекинувањето на седницата се слушаа негодувања од пратениците од опозицијата кои при носењето на дневниот ред за седницата гласаа против. За усвојување на точката на дневен ред е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот. При носењето на дневниот ред на седницата 70 пратеници гласаа „за“, а 47 беа „против“. 

Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство во Унијата.