Расправата за референдум е хипотетичка, вели Талат Џафери


 

Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната средба со новинарите рече дека е преурането да ги коментира најавите за уставни измени и за референдум во врска со европскиот предлог.  „Нема материјал за да се изјаснам. Опозицијата хипотетички прави ситуација“, истакна тој.

Зборувајќи за немањето кворум во парламентот и активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, Џафери изјави дека пратениците треба да си ја заработат платата и да бидат во салата, а дека проблемите во владејачката коалиција треба да се решаваат политички, а не со неприсуство и негласање на законите.

„Не е прашањето на еден субјект, туку еден па друг субјект. Ако односите во извршната власт имаат проблем поради политичките договори, треба таму да ги решаваат. Мене политички договори не ме интересираат. Овде сме дојдени за гласање на закони“, рече Џафери.

На средбата со лидерите на парламентарното мнозинство не присуствувале Африм Гаши од Алтернатива и Павле Трајанов од ДС.

„Има две решенија – или ќе бидеш присутен или ќе го распуштиш Собранието или направи друго мнозинство. Должни се да присуствуваат на седница“, истакна тој. Според него, Собранието не е точката каде што ќе поставуваат ултиматум.

„Не ме условуваат мене, туку граѓаните“, рече претседателот на Собранието.

Џафери на средбата со новинарите информираше дека од почетокот на неговиот мандат на 4 август 2020 година одржани се 83 седници со 973 точки на дневен ред. Завршени се 54 седници, додека 29 незавршени со 80 точки. Во прегледот тој ја презентираше и работата на комисиите, каде според него се заглавени повеќе закони и покрај тоа што биле исполнети условите и изминати роковите. Во тој контекст Џафери ги обвини опозициските пратеници, кои се претседатели на дел од комисиите, дека блокирале дел од законите.

Тој побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ги остават партиските прашања надвор, дека не може да бараат пауза, а да не се во собраниската сала, дека не смее никој да излезе на говорница додека не добие збор, како и дека не може за него да изнесуваат навреди на лична основа а тој да не одговори на тоа.

„Ако некој почнал на лична основа јавно да ме навредува, што сум јас таму. Не е ниту еден отсто тоа што им враќам на тие навреди. Мора да сметаат на мојот карактер и јас имам праг на толеранција“, вели Џафери.

За отсуствата од седниците на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на ДПА, Мендух Тачи, вели дека за изјаснување односно гласање тие се најредовни во Собранието. Осуството на Ахмети, според него, е поради партиски активности како лидер на партија.

Собранието официјално оди на одмор по Илинден, а првите активности се очекуваат од 29 август. Првата редовна седница ќе биде закажана за 13 септември, а дотогаш ќе се одржуваат седници на комисии и продолженија на незавршени седници. (МИА)