Расправа под ниво во Собранието


Расправа под ниво се случи денес во Парламентот, откако пратеникот Игор Јанушев со реторика од улица и со лупање од говорница се обрати од собраниската говорница, по што се отвори расправа до каде може да оди слободата на говор на пратениците, што предвидува процедурата и кој е губитник па лечи фрустрации со навреди место со оценки на владината програма.

Иако известувањето од ваквите настапи ги охрабрува пратениците да продолжат да заработуваат пари трошејќи го во празно времето на граѓаните, ваквиот настап сепак е вест  бидејќи станува збор за нов парламент и покажува што можеме да очекуваме од него како резултат.

Се почна кога Јанушев упати остри критики кон новата влада, нарекувајќи го Зоран Заев – топ шоп мандатар.

„Заев е топ шоп мандатар, зошто тој секогаш вели и ветува дека може повеќе. Три години по ред слушаме како ветува економска година, ветуваше и патишта, мислам дека нема да остане зелена површина по мандатот на топ шоп мандатарот. И сето ова вели ќе го направат со чесни стручни докажани кадри. Народот има една поговорка ’Мижи Асан да ти баам’. И од вчера сум овде присутен, барам гледам, се вртам да ги видам чесните, стручни, докажани кадри, но нема ниту еден таков. Тука е Шекеринска синоним за транзициски неуспешен и неспособен политичар, кој во свото CV има афери, бонбона бизнис, продажба на ЕСМ, афери со становите“, кажа Јанушев, кој потоа упати и критики до Љупчо Николовски, кого го нарече „човекот, кој ја измисли корупцијата во земјоделството“, а сега ќе биде вицепремиер за борба против корупцијата. Упати критики и до другите членови во предлог-владиниот состав.

Притоа ја обвини министерката Радмила Шеќеринска дека во нејзин мандат, половина Армија заболела од корона вирусот, а министерот Венко Филипче за низи афери.

„Претходниот министер и ваш советник го нарекувавте министерот смрт, а како тогаш треба јавноста да го вика Филипче со 600 мртви?“, праша Јанушев.

Тој му порача на Заев да се подготви за политички пекол, па почна да удира врз говорницата во собраниската сала, за што заработи силен аплауз од сопартијците, но и опомена од спикерот Талат Џафери.

Собранискиот спикер Талат Џафери видно нервозен ги искара пратениците и Игор Јанушев поради речникот употребен на говорницата и навредливите зборови кои пратениците си ги упатија меѓусебно. Откако не успеа да ги смири, Џафери им свика на пратениците дека нема технички можности да ги прекине, но може да отстрани по трет пат ако не почитуваат правила. Џафери жестоко се искара и со пратеникот Игор Јанушев.

„Во кој парламент има тепање и лупање на маса? Е, па ај да се степаме тука сите? Не опоменувајте ме мене. Колегијално, не ми дофрлувај додека зборам Игоре“, остро му се обрати Џафери на Јанушев.

„Треба да знаете дека сте во Собрание, а не на партиска конференција“, свика Џафери.

„Не сте веќе кампања, па  и таму тоа не се прави“, порача Џафери кој постојано беше исправан во обраќањата од Гордана Силјановска-Давкова.

Заев му врати на Јанушев дека тие биле „дормео опозиција“, бидејќи ги преспале сите работи.

„Господине Игор Јанушев тешка е помислата дека уште четири години ќе бидете во опозиција. Нема топ шоп влада, туку дормео опозиција, бидејќи преспавте се. Преспавте додека се решаваа прашањата и отворените проблеми. Огромна е фрустрацијата и комплексите, нема повеќе пари од Камчев“, му реплицираше мандатарот Заев.

Пратеникот на Левица Димитар Апасиев, отако исцитира голема мисла, му порача на Џафери дека слободата на говор во парламентот може да се развива само со давање поголема слобода на пратениците да се развиорат со своите говори.

„Јанушев и кога го гледа јавноста и кога не го гледа се однесува исто, тропа на маса и вика од место. Јасно е, голема е нервозата кај него затоа што секој ден некој од партијата им бара оставка, а оставка се бара од главата или од оној кој имал најлоши резултати. Кога веќе зборувате за криминал и корупција, свртете се лево десно околу вас и изборјте колку кривични пријави имате. Правдата ќе ве стигне, ќе има и прочистување на судството, нема веќе бегање од одговорност“, посочи екс-министерот Дамјан Манчевски. (С.Ј.)