Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“


Фото: Б. Грданоски

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ денеска го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ кој ќе трае  до 15 јануари 2022.

Право на учество имаат романите кои првпат се објавени на македонски јазик во 2021 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. „Димитрија Чуповски“ бр. 23/1-1) секој работен ден од 12 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.

Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто навремено ќе бидат доставени со датум на печатот заклучно со 15 јануари 2022 година. Од Фондацијата посочуваат дека е пожелно и доставување романи во електронска верзија на адресата: [email protected]

Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. За добитникот на наградата ќе одлучува петчлена жири-комисија, која е обврзана одлуката да ја донесе најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.

Доделувањето на наградата „Роман на годината“ претходно го организираше згаснатиот „Утрински весник“. Оваа година ќе биде доделена по 23-ти пат.