Распишан конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книга
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, што ќе се одржи од 3 до 9 мај, ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од ланскиот до овогодишниот саем.
МАИ ги кани сите издавачи од нашата земја да ги испратат своите најдобри проекти и да учествуваат во трката за најдобри постигнувања во следниве категории: признанија за најдобра едиција, за најдобро ликовно-графички уредено издание, за најдобра книга за деца, за автор на годината, за најкреативно издание, за поттикнување на општествена одговорност, специјално признание за промотор на читачката култура како и признание за иновативност.
Од МАИ известуваат дека наградите, кои оваа година се доделуваат по шести пат, секоја година стануваат сè позначајни за издавачите и дека нивната важност и тежина се огледува во фактот што за нив одлучува независна жири комисија составена од тројца членови, истакнати професионалци во доменот на книжевноста и графичкиот дизајн.
Овогодишната комисија ќе ја сочинуваат новинарката за култура Весна Дамчевска, книжевникот и театролог Сашо Димоски и графичкиот дизајнер и арт-директор Никола Војнов, нагласи МАИ.
– Наградите што ги доделува Македонската асоцијација на издавачи се признание за најкреативните и највредни автори, илустратори, издавачи и промотори на читањето, а нивната улога е да постават пример и да бидат инспирација за сите останати со крајна цел издаваштвото во нашата држава постојано да се развива и да поставува сè повисоки стандарди, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Во соопштението е потенцирано дека крајниот рок за испраќање на апликациите е 25 април 2022 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 4 мај. Документот за аплицирање издавачите можат да го добијат пишувајќи на е-поштата [email protected].