Раскошните арии од „Турандот“ пак го воодушевија Скопје (фото)
Безвременски стилски пристап, полн со фантастични костими, сценографски проникнат со флуидни и повеќенаменски сценски елементи

Операта во три чина „Турандот“ на Џакомо Пучини, во рамките на 53. „Мајски оперски вечери“, синоќа, во полната сала во Националната опера и балет во Скопје, повторно ја воодушеви домашната публика, која на нозе и со аплаузи ги награди учесниците на спектаклот и за очи и за уши, кој изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“(Nessun dorma), (ја паметиме изведбата на славниот тенор Лучиано Павароти).
Македонската публика повеќе од десет години неуморно го исполнува гледалиштето во НОБ при секоја најава на оваа спектакуларна продукција на епската бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, чие име е синоним за врвни оперски продукции, а кој ги потпишува и сценографијата и костимографијата.
Публиката во НОБ, која, за среќа, се фокусираше на сцената, а не на мобилните телефони, и чат-пат знаеше кога да аплаудира, а кога не, уживаше во изведбата на светски познатата сопранистка Вероника Џиоева од Русија, кинескиот тенор, Ѕ-Жао Гуо во улогата на Калаф,, а особено во изведбата на Биљана Јосифов, во улогата на Лиу.
Но, и во сеопфатниот, безвременски стилски пристап, полн со фантастични костими, сценографски проникнат со флуидни и повеќенаменски сценски елементи.
Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. Диригентот Џанлука Мартиненги од Италија го извлече максимумот од оркестарот, а хорот беше на висина на задачата.
Иако операта е богата со арии, Турандот е „ледена“ кралица со исправено, речиси вкочането држење на телото и малку движење.
Во првиот дел од операта, Турандот е подеднакво сурова, поставувајќи им на додворувачите три загатки во замена за нивните глави – ако не ги решат, таа ќе им го отсече . Но, од ладнокрвна личност, ликот што го толкува се трансформира под влијание на љубовта во нежно суштество кое се ослободува од затворот на сопствената суровост.
„Турандот“ е напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што по две години е завршена од Франко Алфано.
Л. Сабит
Фото: Марко Угарковиќ за НОБ