Расколот во ДУИ се продлабочи. Фракции не може да има, вели Ахмети

„Огнените“ велат дека на состанокот на Централното претседателство немало реална дебата. Тие и натаму остануваат дел во раководството и во партијата


 

Од ден на ден изгледа дека разликите меѓу двете крила во ДУИ се зголемуваат толку многу што во овој момент се чини дека помирување не може да има.

Денешната петчасовна седница на Централното претседателство не само не донесе ништо ново, туку членовите на „огнената група“ го напуштија предвреме состанокот и објавија дека ќе формираат фракција. Ним подоцна им возврати лидерот Али Ахмети велејчќи дека според статураните правила фракции во партијата не се дозволени.

По речиси пет часа заврши седницата на централното претседателство на ДУИ по која претседателот на партијата Али Ахмети изјави дека фракции според статутот не се дозволени, но рече дека на следниот конгрес ќе поддржи таква идеја. Овој став следи откако еден час претходно дел од членовите на претседателството кои се познати во јавноста како „Огнена група“ рекоа дека ќе функционираат како фракција.

„ДУИ е партија која што почитува вредности и почитува демократија. Што се однесува до фракционерството, јас таков предлог имав, го дадов на партиски конгрес, меѓутоа изгубив на гласање од мнозинството и јас како демократ почитувам став на мнозинството и не ги напуштам институциите. Согласно тие одлуки на конгресот и статутот на партијата, во ДУИ не се дозволува функционирање во фракции. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе  поддржам таков став за фракционерско делување“, рече Ахмети.

Еден час пред тоа, актуелниот организациски секретар во ДУИ, Блерим Беџети на новинарите им изјави: „Разликите се големи и од организационен аспект внатре во ДУИ, но и дебатата за програмската определба врз основа на што ја добивме и довербата од граѓаните. За жал немаме можност за реална дебата и се користат двојни или тројни аршини во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе дејствуваме како фракција во рамки на ДУИ“.

Тој го пренесе ставот на неговата група дека актуелните министри во Владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки. „Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите на Владата и не се работи само за кадровски прашања, туку за прогамските определби на ДУИ“, рече Беџети.

Ахмети во својата изјава нагласи дека „секое делување спротивно на статутот е анархија, а анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството. Инаку ќе биле анархична партија, каде секој прави што сака. Фракционерството не е дозволено согласно статутот, но не дискутиравме за исклучување. Демократијата е да се прифати ставот на мнозинството“.

На седницата имало извештај за работата на партиските функционери во Владата за кои мнозинството гласало позитивно. „По дебатата, извештајот го ставив на усвојување. Од присутните членови на претседателството 26 гласаа за извештајот, шест беа против и тројца воздржани. Тука дебатат беше исцрпена и следниот состанок ќе го свикам зависно од развојот на случувањата“, рече лидерот на ДУИ.