Раскинат е договорот за луна-паркот – урнатите дискотеки го нагрдуваат просторот


Фото: Б. Грданоски

Град Скопје неодамна влезе во процес на изградба на нов луна-парк, кој, според најавите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, треба да биде поврзан со зоолошката градина и да биде готов до крајот на следната 2027 година. За таа цел, локалната самоуправа во мај годинава склучи договор со „Мастеф“ вреден 10 милиони евра, кој, меѓу другото, предвидуваше набавка и монтажа на 16 нови реквизити, меѓутоа овој договор бил раскинат. Во меѓувреме, на терен се уште може да се забележат остатоци од поранешните дискотеки, кои беа урнати заради реализација на проектот, пишува „Фокус“.

Договорот тежок 10 милиони евра за изградба на нов забавен парк во Скопје, кој, според официјалните најави, треба да биде готов до крајот на следната 2027 година, е раскинат, покажуваат информациите објавени на Бирото за јавни набавки.

Фото: Б. Грданоски

Имено, Град Скопје на средината на оваа година (06.05.2026) склучи договор со друштвото „Мастеф“ за проектирање, набавка и монтажа на реквизити за забавен парк со партерно уредување и пропратни објекти, во вредност од 621 милион денари или околу 10 милиони евра.

Во рамки на овој тендер, единствена понуда била онаа на „Мастеф“, која настапила во група со „Пирамид Билдинг Солушнс“, како и со поддршка на два подизведувачи – „Жикол“ и „Геоконтрол“.

Меѓутоа, на БЈН е објавена информација дека договорот е раскинат на 17.08.2026 година, без објаснување зошто е направено тоа.

Од Град Скопје и од компанијата  не одговорија по кој основ бил раскинат овој договор и кои биле причините за тоа.

Инаку, Скопје нема забавен парк повеќе од една деценија. Иако во меѓувреме сите скопски градоначалници најавуваа изградба на нов луна-парк, па дури и почнуваа одредени постапки, сепак, никогаш не се реализираа овие најави.

Целиот текст ТУКА