Расипан телефон меѓу Владата и Пошта – која банка треба да го преземе платниот промет


Прашањето за избор на нова банка преку која Макеоднска пошта ќе го извршува платниот промет и која ќе ја замени Еуростандард банка, која е во стечај, ќе треба да ја почека новата влада.

Ваквиот заклучок произлегува откако денес на прес конференција премиерот на техничката Влада, Оливер Спасовски, одговорноста за избор на нова банка ја префрли на надлежните органи на управување на Пошта.

„Македонска пошта е акционерско друштво и одлуките се носат на ниво на Управен и Надзорен одбор на компанијата, а врз основа на тоа, за одредени одлуки е потребна согласност од Владата“, рече Спасовски.

Тој додаде дека до сега од Владата не била побарана согласност за такво нешто.

„Кога ќе имаме барање за согласност, за било која одлука, ние стоиме на располагање и претпоставувам идната влада тоа ќе го направи“, рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање.

На забелшката дека директорот на Пошта претходно изјави дека Владата како сопственик на ова акционерско друштво е таа која што треба да донесе одлука, а потоа Пошта да ја примени таквата одлука, Спасовски одговори дека според законските прописи Владата дава согласност, но одлуките ги носат органите на управување на пошатата.

„Органи на управување на Македонска пошта се управниот одбор и надзорниот одбор“, рече тој, додавајќи дека Владата секако ќе даде согласност да се почне постапка за да можат да се зголемат приходите на националната пошта.

Инаку, веќе две недели е нерешено прашањето која банка ќе го врши платниот промет преку шалтерите на поштата, иако првиот човек на Пошта, Ејуп Рустеми, на прес конференција нагласи дека таа дејност е од исклучително значење за поштата и дека ѝ носи големи приходи од кои зависат платите на неколку стотини вработени.

Според Рустеми, од услугите што ги правеше пошта за Еуростандард банка, за шест  месеци биле наплатени 110 милиони денари, или 19,4 отсто од вкупните приходи. Во Пошта има 880 вработени, а од услугите што се реализираа во име на Еуростандард банка, се обезбедуваше плата за 560 вработени, истакна Рустеми. Оваа услуга преку Пошта ја вршеше Еуростандард банка до 12 август, кога на банката и беше одземена дозволата за работа од страна на Народната банка. (М.Ј.)