Рашковски не им ги земал телефоните на гостите: Во Владата секој можел да снима


Фото: Б. Грданоски

На гостите што доаѓаат на состаноци кај генералниот секретар на Владата никогаш не им биле одземани телефоните, па секој можел да си прави „риалити шоу“ од оваа институција. Ова е поентата на одговорот што го добивме од Владата на прашањето дали на гостите што доаѓаат на средба конкретно кај генералниот секретар на Владата Драги Рашковски им се одземаат телефоните и какви се безбедносните процедури за влез во неговиот кабинет.

И самиот Рашковски ни потврди дека лицата што работат како обезбедување во Владата, по негов налог не им ги одземале телефоните на гостите што доаѓале да се сретнат со него.

„Јас лично им кажав на лицата од обезбедувањето во Владата на гостите што доаѓаат кај мене да не им бидат одземани телефоните бидејќи ништо што правам не кријам. Никогаш не би помислил дека некој што ќе влезе кај мене ќе ме снима, јас немам таква матрица и не би помислил дека и некој друг така размислува“, вели Рашковски.

Сепак, од пред два дена Рашковски вовел нови мерки, сите што ќе влегуваат во неговиот кабинет да ги оставаат телефоните. Вакви мерки имало и за влез кај премиерот Зоран Заев, каде што гостите што доаѓале за средби и работни состаноци ги оставале телефоните во сандачиња кои се заклучуваат, во приемното одделение.

Сепак, блокатори во Владата нема и сите функционери ги демне опасност дека некој може да ги снима со телефон, „бубица“, камери кои се наоѓаат на слободниот пазар, па и со пенкала во кои има вградено камера. Сите овие уреди може да ги купи кој било на црно или легално во продажните салони на мобилните оператори. Вакви видови уреди може да се порачаат и од кинеската платформа „Али експрес“ која нуди илјадници производи кои се продаваат на интернет по многу поволни цени.

„Има многу достапни уреди, има пенкала што снимаат, може да биде каков било уред. И покрај тоа што законот во Македонија подразбира дека за која било опрема за снимање треба да се произнесе МВР, тоа важи за опрема која се увезува. Вакви уреди може да се продаваат и по црни и нелегални канали“, вели нашиот извор упатен во прислушувањето.

Ако политичарите се небезбедни во стратегиски објекти на земјата, опасност го демне и секој од нас. Денес речиси сите имаат мобилни телефони со апликации за аудио и камери за видеоснимање. Сепак, објектот на Владата треба да биде позаштитен, а токму оттаму излегуваат снимки што потоа ги гледа или ги слуша цела јавност. Од Владата не одговорија какви конкретни безбедносни мерки се преземаат за заштита од нелегално снимање во овој објект.

Пред неколку години, во објектот на Владата, беше снимен сегашниот премиер, а поранешен опозиционер Зоран Заев на средба со тогашниот премиер Никола Груевски. На снимката се слушаше како лидерот на опозицијата му вели на премиерот дека поседува снимки од странски служби. Тогашниот премиер Груевски, на прес-конференција во 2015 година, призна дека во неговата канцеларија била монтирана, па потоа демонтирана опрема за снимање, но за тоа имало наредба од обвинителството, а Заев се снимал како осомничен во случајот „Пуч“.

Заев беше снимен и против него беше покренат судски процес, откако во јавноста излезе снимка и обвинителството тврдеше дека барал поткуп од струмички бизнисмен за изградба на црква. Заев потоа стана премиер и доби ослободителна пресуда откако обвинителството во последен момент утврди дека побарал, но не примил поткуп и го преквалификува кривичното дело. Иста ваква снимка „го изгоре“ и сега поранешниот пратеник Павле Богоевски, кој си даде оставка откако беше објавена снимка за која се тврдеше дека порачувал кокаин, а тој тврдеше дека нарачувал масло од канабис.

Рашковски тврди дека разговорот го снимил Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ, токму поради предизвикување сериозен инцидент, за кој има извештај подготвен од Комитетот за воздухопловни несреќи. Сепак, овој снимен разговор ги потврди сомневањата, но и пишувањата на „Независен весник“ дека небото не ни е безбедно и дека радарите не функционираат како што треба.

Во овој технолошки хаос ретко кој може да се заштити од нелегално снимање, но одговорноста за објавувањето е на оној што ќе го објави. Ако постои јавен интерес, и ако нешто укажува на криминал и неодговорно владеење, јавноста има право тоа да го знае, а јавните личности, особено функционерите, немаат право на приватност.

Минатата власт се смени по една деценија владеење, со објавувањето на прислушувани разговори за кои Специјалното јавно обвинителство тврди дека се снимале во Управата за безбедност и контраразузнавање. За ова е обвинет поранешниот директор Сашо Мијалков и поранешното раководство во Министерството за внатрешни работи.

По „бомбите“ што ги објави Заев, се објавија уште десетици други за кои никој не знае од каде доаѓаат. Скопското обвинителство води истраги за нелегално прислушување, но епилог уште нема за ниту една.

Фросина Факова – Серафиновиќ