Рапиден раст на новозаболени во Хрватска, денеска 358


Националниот штаб за цивилна заштита на Хрватска денеска објави дека во земјата има нови 358 случаи со Ковид-19, што е најголем број новозаразени во еден ден од почетокот на епидемијата во февруари.

„Во изминатите 24 часа имаме 358 нови случаи на зараза со корона вирус, а бројот на активни случаи во моментот е 2.352. Вкупно имаме 8.888 позитивни случаи од почетокот на епидемијата, а до денеска оздравеа 6.362 заразени. Добра вест е дека во изминатите 24 час немаме нови смртни случаи, што значи дека и понатаму вкупно се 175“, рече министерот за здравство Вили Берош.

Министерот за внатрешни работи Давор Божовиќ напомена дека новите мерки кои ги најави жупанискиот штаб за цивилна заштита на Сплитско-далматинската жупанија стапуваат на сила од полноќ.

Тие подразбираат задолжително носење маска во кафулињата и рестораните пред конзумирање пијалок или храна, се ограничува бројот на луѓе на свадби до 50, а сопствениците на угостителски објекти ќе мора да спроведуваат построг надзор на своите објекти.

Исто така, се забранува работата на теретаните, а спортски натпревари може да се одржуваат само без публика.

Вчера во Хрватска беа забележани 206 нови случаи.