Рангелова ослободена од обвинението за „Насилство во Општина Центар”


Обвинителството се откажува од гонење на Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски, изјави обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судење за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.

За обвинетата Рангелова, појасни Фетаи, во текот на главната расправа произлезе дека од нејзините дејствија не произлегува делото за кое се товари.
– Од изнесените докази не се покажа нејзина инволвираност во делото и од тие причини не опстанува обвинението против неа, изјави Фетаи.
За сите обвинети, појасни Фетаи, од изнесените докази се покажа нивната инволвираност, освен Андоновски и Богдановски.
– Однесувањето на двајцата немаат таков интензитет на насилно однесување и од тие причини се откажувам од гонење против нив, изјави Фетаи.

Во „Насилство во Општина Центар” обвинети се повеќе лица, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а меѓу нив и поранешната советничка од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и осум други лица.