Рангелова: Никој не верува дека Мицкоски може да состави влада


Актуелната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешна висока функционерка во партијата, Даниела Рангелова, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесе оставка. На гостувањето на ТВ 24 таа кажа и дека никој од членството на партијата не верува дека Мицкоски може да состави Влада, како што си калкулира врвот на партијата.

-Вака веќе не може, мора да си ја вратиме партијата на членовите. Мицкоски треба да замине ако не направи влада. Еве, не сакам сега да зборувам, нека се остави шанса да видиме при вакво неспособно СДСМ, со толку слаби кадри, со толку лоша економска политика, лоши политики во образование, ние да не можеме да се одвоиме од СДСМ, односно да губиме со вакви катастрофални резултати е навистина засрамувачко. Христијан, во најмала рака, треба сам да си поднесе оставка без никакви притисоци. И, доцна е сега да го носи Статутот, изјави Рангелова.

Според неа Мицкоски веќе нема оправдување да не преземе одговорност за изгубените избори.Одговорноста на Мицкоски, според Рангелова, е во неговиот неуспех да ги смени политиките на партијата кои ги почна неговиот претходник Никола Груевски, но и да се дистанцира од неговите кадри.Така, според неа, на овие избори партијата не знаела кому му се обраќала. Од една страна пораките за цврст став за договорите со Грција и со Бугарија биле насочени кон „цврстото“ членство, а од друга ВМРО-ДПМНЕ ги предложило Гордана Силјановска (министерка во време на СДСМ) и Сафет Бишевац (пратеник во коалиција со СДСМ) за пратеници. Според Рангелова, Мицкоски повеќе се трудел да собере незадоволни гласачи на СДСМ, т.н. бранковисти, отколку да си ја консолидира партијата.

На прашањето, дали Мицкоски бил во комуникација со Груевски, Рангелова кажа дека не знае, но дека било очигледно дека „се е исто, само него го нема“.

-Доколку ги пратите политиките, ќе видите дека тие не се променети. Дури и да не комуницираат, Христијан Мицкоски со Груевски, во најмала рака можеби требал нешто да смени. Во најмала рака барем кадрите, политиките, начинот на делување. Јас не гледам разлика во делувањето. Дури и на состаноците кога имавме Извршен комитет и Централен, исто толку се доцнеше како во времето на Груевски. Знаеја да кажат членовите – се е исто само него го нема. Но, има една друга работа. Груевски со сите маани негови и грешни политики, за кои на крај мислам дека беше свесен дека ги правеше, тој знаеше да мобилизира добри кадри. И кога ние вака меѓу членовите зборуваме дека знаеше тој што треба да го стави на вистинска позиција и да извади максимум од него. За разлика, Мицкоски и тоа не знае да го направи, тврди Рангелова.

Говорејќи дека ВМРО-ДПМНЕ мора да се демократизира, таа кажа и дека од времето на Никола Груевски, претседателот на партијата не ги слуша Извршниот и Централниот комитет, туку се потпира на наколку советници околу него. Според неа, еден од „гревовите“ на Мицкоски е што дозволил едни те исти луѓе да бидат во тој круг.

-Анонио Милошоски, Александар Николовски беа луѓето коишто секогаш беа до Груевски, коишто сега слушам дека ги критикуваат политиките на Груевски. Навистина е чудно, ако никогаш не сте се осмелиле да излезете и да кажете нешто против тие политики, сега да кажувате дека нешто тогаш било погрешно. А очекувам и во периодот што следи истите луѓе да кажат и дека ова што го правел Мицкоски не било добро. Јас ги ценам мислењата на сите членови на Извршниот и на Централниот комитет коишто биле различни и коишто знаеле  да кажат стоп, изјави Рангелова.

Иако остави простор Мицкоски евентуално да се обиде да прави Влада, таа порача дека никој во партијата не верува во математиката на раководството – дека изборите всушност ги добил ВМРО-ДПМНЕ.

-Разговараме меѓу себе дали некој верува во тоа дека  Мицкоски може да направи влада и да ги одземе гласовите на СДСМ, да биде победник заради тоа што коалицирале со БЕСА?СДСМ одлучил пред изборите да коалицира со албанска партија. Истата можност ја имал и Христијан Мицкоски. И на крај, ако сега прави влада Христијан Мицкоски, кои се црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ? Ако терате една кампања „Името не го даваме“, „Тиранска платформа“, „Кантонизација“, „Ќе ја спасуваме државата“ – во кого вие сега гледате потенцијал да коалицирате? Во ДУИ, којшто вика дека ако не го признаат Преспанскиот договор не сака да разговара? Истото е со Алијанса, истото е и со ДПА која има еден пратеник. Или можеби со Левица кадешто во програмата пишува дека ќе треба да се тргне името ВМРО, да го нема во името на ниту една политичка партија, изјави Рангелова.