Ранци и комплетен прибор добија сите 280 првачиња од Радовиш под слоганот „Само делата се вистина“ од „Адора инженеринг“


 

Среќен почеток на 280 првачиња од Радовиш со ранци и комплетен училишен прибор за да редат големи успеси во учењето и во животот им посакаа генералниот директор на „Адора инженеринг“, проф.д-р Ванчо Чифлиганец, заменик генералниот директор, Душко Чифлиганец и градоначалникот на Општина Радовиш Ацо Ристов.

На радоста на првачињата и немаше крај, а добија и многу поучни пораки.

„Сакани првачиња не можам да Ви опишам колку пријатно се чувствувам што сум денес со Вас и што барем за еден момент ме вративте 60 години назад, на моите неполни 7 години кога зачекорив во училиште, кога прв пат седнав во школска клупа. Како Вие денес на вашите пионерски години, исполнети со радост, со фантазии, кога сонувате што ќе бидете во иднина, во вашиот светол живот.

До пред само неколку дена си игравте со вашите другарчиња во дворовите, на игралиштата, бевте механичари (сигурно сте ги поправале и расклопувале вашите играчки-автомобили) во вашите игри бевте и инженери (градевте кули од песок) докотори, медицински сестри, учителки, полицајци, а денес сте веќе во школските клупи каде што треба да научите, да стекнете знаења за да Ви се остварат Вашите желби.

Од денес училиштето е Вашиот втор дом, а професорите ваши втори родители, а стекнатото знаење, другарство, човечност, трудољубивост, Вашите оценки ќе бидат Вашите дела со кои ќе се гордеете вие самите, бидејќи во животот „Само делата се вистина“. Оваа реченица, запишана на вашите ранци нека ве потсетува на зборовите на чичко Ванчо за да ве поттикнува да учите и да бидете нашите идни техничари, инженери, програмери, истражувачи, магистри, доктори, научници, професори и ќе работите она што ќе ве прави Вас лично среќни. Вашата среќа ќе биде причина да бидете успешни, а вашите родители задоволни и да продолжите да го развивате Радовиш и нашата Македонија да бидат убави места за живеење, со што ќе дадете придонес и во современиот свет.

И на крајот уште еден мој совет, паралелно со учењето, во слободното време бавете се со спорт. Спортот, заедно со учењето ќе ве направат силни личности, бидејќи спортот и учењето се како брат и сестра, како вода и сонце.

Сакани мои првачиња Ви посакувам многу енергија, здравје, среќа и сите желби во учењето и во животот да Ви се остварат.

Учете и создавајте добри дела за Радовиш, за нашата Македонија!“.

Ова се дел од пораките што им ги упати проф.д-р Ванчо Чифлиганец на првачињата во Радовиш.

Смарт табли, лап топи, компјутери, стипендии за надарени студенти и спортисти, но и современи медицински апарати за лабораторијата во Здравствениот дом во Радовиш, помош на поединци, изградба на нова куќа на место на опожарената, годинава ранци и комплетен прибор за сите 280 првачиња во Радовиш се само дел од низата донации доделени во изминатите 20 години од „Адора инженеринг“ и „Фондацијата проф.д-р Ванчо Чифлиганец“, бидејќи нивниот основач, Чифлиганец смета дека образованието и здравството се клучните столбови за развој на едно општество.

Градоначалникот на Општина Радовиш, Ацо Ристов од срце им го честита почетокот на учебната година на првачињата на кои им посака многу нови другарства и многу знаења за да се развијат во чесни и одговорни личности.