Рамадани ќе биде разрешен од функцијата по изборите, најави Мицкоски


Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека откако кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница, Хаќим Рамадани од Вреди, ќе ги изгуби изборите во Брвеница, ќе биде нормално разрешен од позицијата што ја извршува во овој момент, одговарајќи на новинарско прашање дали изјавата на кандидатот ќе влијае врз владината коалиција со Вреди.

На дополнителното новинарско прашање за поддршката со Вреди во вториот круг, лидерот на владејачката партија рече дека таа коалиција испратила соопштение дека не го поддржува кандидатот на ДУИ во Кичево, Фатмир Дехари.

„Фатмир Лимани не повика да се гласа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево. Вреди испрати и соопштение дека не го поддржува Фатмир Дехари, како кандидат за градоначалник во Кичево,“ рече Мицкоски.

Премиерот повика Албанците во Кичево, но и кичевчани, „да размислат за човекот што ги уценува нивните внуки и нивните ќерки, дали треба да гласаат за него и дали тој е достоен кандидат за иден градоначалник на Кичево“.

За потсетување, кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од редовите на Вреди и противкандидатот од опозициската НАИ кој испадна во првиот изборен круг, Енвер Пајазити, викендов заедно се во поход по гласовите на албанската дијаспора во Германија, Австрија и во Швајцарија за Брвеница да ја води Албанец.

Ова следуваше откако лидерот на Беса, Билал Касами, повика Вреди да гласа во Кичево за Фатмир Дехари од ДУИ, па ретерираше по критиките од премиерот Христијан Мицкоски дека секоја акција ќе има реакција.