Рама со апел до сите земји во ОН за признавање на независноста на Косово

Албанскиот премиер Еди Рама користејќи го присуството на лидерите од целиот свет, но посебно на Србија, во својот говор на Генералното собрание на ОН во Њујорк, побара сите земји да ја признаат независноста на Косово, пренесува МИА, повикувајќи се на тиранската телевзја Ора њуз.

Независно Косово, рекол Рама, е неповратна реалност. Тој ја повика Србија „повеќе да не живее во негирање, туку да си направи историја за самата себе си и за светот доаѓајќи во реалноста“.

– Драга Србијо, независно Косово е неповратна реалност, затоа не живејте повеќе во негирање и направете историја за себе си и за светот со тоа што ќе дојдете во реалноста,рекол Рама.

Додал дека „ е време сите земји членки на ОН, особено и првенствено нашите српски пријатели, да ја признаат независноста на Косово“ и да ја признаат, како што тврди тој, реалноста како единствена сигурна основа за изградба на подобра заедничка иднина.

Според него „важно е на Приштина да и се пружи можност да биде дел од сите регионални и меѓународни огранизации, како и во секоја суверена независна држава во светот“.

Рама ги повторил критиките кон Брисел за нелиберализацијата на визите за Косово, велејќи дека е неоправдано ЕУ да држи два милиони косовски граѓани како заложници во време кога од 2014 година повеќе од 100 милиони луѓе станале дел од Шенген.