Рама со амбиции за четврти мандат, сака историска победа во 2025 година


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на Социјалистичката партија и актуелен албански премиер, Еди Рама, не ги крие амбициите за нов четврт мандат, за што веќе ја почна кампањата со посета на градови каде порача дека очекува „историска победа на изборите во 2025 година“.

Придружуван од пратеници, локални избраници, на средбата со општинската организација во Елбасан, Рама побара повторно „заживување на социјалистичките структури и база на национално ниво“.

-Во 2025 година мора да извлечеме поголема победа од претходната, порача Рама.

Тој ја нагласи потребата да им даде нов здив на структурите на СП во подготовките за внатрешно партиските, а потоа и парламентарните избори.

-Ќе одам низ цела Албанија за да се сретнам со организациите на нашата партија. Благодарение на тоа што работевме сериозно, што се ангажиравме повеќе од другите, постигнавме нешто што изгледаше невозможно уште од почетокот кога ја презедовме оваа задача. Успеавме да добиеме три мандати со мнозинство. СП ќе може да ја задржи власта, но потребна ни е реорганизација на организациите, структурите, процесот на владеење, изјавил Рама.

За време на посетите на градовите тој одржува средби и со млади, со повик за што помасовно зачленување во партијата.