Рама се налути на Приштина поради патарина


Албанскиот премиер Еди Рама нервозно реагираше на барањата на поединци од Приштина да се укине плаќањето на патарина на Националниот пат кон Приштина.

Тој побара од министерот за надворешни работи во заминување Беџет Пацоли на граѓаните на Косово да им објасни дека тоа не е возможно, пишува приштинска „Газета експрес“.

Исто така, Рама се спротистави на преместувањето на загрозените граѓани на Албанија во Косово, бидејќи, како што вели, тие мора да останат во близина на своите домови и своите работни места.

Приштинска „Газета експрес“ пишува дека Рама спонтано се сретнал со Пацоли вчера при обиколката на Драч и Туман и во таа прилика му порачал да ги предупреди оние од Косово, кои донираат помош за Албанија да не бараат укинување на патарината на Националниот пат.

Рама изјави дека и оние кои донираат помош на Албанија исто така мораат да платат патарина која изнесува пет евра.

„Патарината е обврска на сите и наменета е за инфраструктурата, која треба да обезбеди безбедност на патишата и во државата. Сега ако ви падне на памет да дадете многу повеќе од тие пет евра, дајте ги и тие пет евра“, изјави Рама и додаде дека тоа износот кој се плаќа и во Косово и во Албанија.

„Неверојатно е оваа хистерија и дека некој не може да сфати како кон тие работи треба да се однесува“, изјави Рама.

А кога Пацоли рекол дека понудил и приватна помош на жртвите од земјотресот, како и медицинска, Рама му рекол дека помошта е веќе понудена повикувајќи се притоа на договорите кои Албанија ги има со другите држави во областа на здравството.

Рама, како што се наведува, исто така реагирал на згрижувањето на граѓаните погодени од земјотресот на косовска територија, истакнувајќи дека тие треба да останат во близина и дека не можат да бидат далеку од своите домови, од своите работни места и училиштата.

„Експрес“ пишува дека албанскиот премиер, сепак, имал пофални зборови за успесите на припадниците на косовските безбедносни сили во пронаоѓањето на телата под рушевините, истакнувајќи дека фантастично си ја работат работата.