Рама: Пристаништето Драч е најголемата инвестиција во регионот, оние кои се против него се непријатели на иднината


 

Албанскиот премиер Еди Рама денеска реагираше во врска со низата обвинувањата на опозицијата за инвестицијата во туристичкото пристаниште Драч, за која тоа претставува „мега коруптивна афера”.

Во реакција на Твитер тој наведува дека „непријателството против најголемата инвестиција во регионот треба да им послужи на сите жители на Драч да го видат лицето на непријателите на иднината на Драч”.

– Непријателството против најголемата инвестиција во регионот, која ќе го трансформира Драч во една од главните туристички дестинации на Медитеранот, треба да им послужи на сите жители на Драч да го видат лицето на непријателите на иднината на Драч: Или со Драч на врвот или со нив во ѓубре, напиша Рама.

Додава дека „бројот на смешни работи што се зборуваат за големиот проект на туристичкото пристаниште Драч, како и едностраниот медиумски простор во служба на злонамерниците, кои се борат против проектот како ѓаволот против темјан, се одраз на злото што го следи ова место како проклетство од 1912 година“.

Опозициската Демократска партија поднесе тужба до Уставниот суд против договорот за пристаништето Драч, кој го опиша како „афера подготвена во тајност, со која земјата дава многу а не добива ништо”.

Сали Бериша дури обвини дека зад проектот стои српскиот бизнисмен Кариќ, заедно со Вучиќ и Рама, наспроти владата дека инвестицијата вредна две милијарди долари е на компанија од Дубаи.