Рама: Приштина ја загрозува надворешната политика на Албанија


Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека политичарите во Приштина ја загрозуваат надворешната политика на Албанија поради свои внатрешни политички интереси.

Како што рече тој, тие тоа го прават со спротивставувањето на заедничката иницијатива за создавање на балкански „мини-Шенген“.

Рама за албанската телевизија „Топ Ченел“ изјави дека долго му објаснувал на Албин Курти, лидерот на Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, во што е значењето на процесот „мини-Шенген“ и дека би бил многу изненаден ако тој тоа не го разбере, бидејќи, како што додаде, Курти е доволно интелигентен.

„Ако се преправа дека разбира или не разбира, тоа е негов ибор, но изгледа дека надворешната политика со Албанија се користи за внатрешна политика. Не верувам дека тоа е најдобро, ќе имаме време да разговараме и да ја продлабочиме дискусијата“, изјави Рама.

По повод изјавата на Курти за отворање на границите меѓу Албанија и Косово, изјави дека такво нешто не може да се случи без прифаќање од Србија.

„Ако Курти сака да ги отвори границите, тогаш мора да се сложи со сите држави“, изјави Рама.

Албанскиот премиер наведе и дека раководството во Приштина не го прашало за мислење кога одлучи да воведе такси на стоката од Србија, но и дека тој таа одлука искрено ја поддршка пред се како акција која требало да има политички, а не економски резултат.