Рама и слави и жали за преговорите: Се чувствувам засрамено поради понижувањата на Македонија!
Премиерот Рама рече дека ЕУ никогаш нема да има полојална членка од Албанија. Договорот со Италија да прими азиланти на своја територија, бил дел од стратегијата
„На ЕУ ѝ треба нова енергија и свежина, затоа постапката за проширување мора веднаш да се забрза“, изјави унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, претседавач со ЕУ на отворањето на Втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија, што се случи денес во Луксембург
„Разбираме дека ЕУ ја губи својата тежина кога е во прашање глобалната економија, така што разбираме дека на ЕУ ѝ треба свежина, нов стимул. Оваа свежа, нова енергија што ни треба ќе дојде од Западен Балкан, па затоа мора да се забрза процесот. Треба да преземеме итни чекори за да го одржиме кредибилитетот на политиката на проширување, треба да разбереме дека оваа политика го изгуби кредибилитетот. Просечното време на чекање надмина 15 години и ова е едноставно несоодветно“, порача Сијарто на настанот.
Според него, повеќето земји-членки велат дека проширувањето треба да биде процес заснован на заслуги, но, тврдеше тој – има заслуги.
„Ако сакаме да ги видиме достигнувањата на Албанија, заслугите се присутни. Унгарските инвеститори играат важна улога во модернизацијата на албанската економија. Од друга страна, Албанија направи многу кога станува збор за условите што ги постави ЕУ за да може да ги отвори преговарачките поглавја. Но, на оваа позиција со Хрватска бевме 14 и пол години. Се надевам дека нема да чекаме до следното претседателство. Денеска разговаравме за основната група поглавја, има 6 поглавја за кои треба да се преговара“, изјави Сијарто.
Тој притоа најави дека е можно да се отвори уште едно поглавје со Албанија.
„Ако секој си ја заврши работата на вистински начин, пред крајот на годината може да се отвори уште една група поглавја со Албанија што се 6, за надворешни односи. Албанија е прагматично подготвена, сите бирократски задачи ќе се завршат во Брисел и ќе можеме да седнеме на уште една конференција на крајот од мандатот на оваа“, рече Сијарто.
Тој сепак не би бил тоа што е во ЕУ, да не порачаше дека „ако треба да го именува лицемерие, проширувањето би било едно од нив“, додавајќи дека „едно моите колеги зборуваат пред публиката, друго пред нив“.
Членство во 2030
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека има план како Албанија да влезе во ЕУ.
„Имаме план, се потпираме и на нашите пријатели и партнери да ни помогнат, не само политички, каде за среќа имаме поддршка, туку и технички. Ни треба знаење и поддршка. Уверен сум дека што се однесува до нас ќе ги исполниме стандардите, концепт кој влезе во мојот живот денес и ќе ме прогонува до крајот на оваа деценија. Се надеваме дека ќе слушнеме дека ги исполнивме овие средни стандарди. За нас е најважно Албанија да стане земја членка. Не сакаме Албанија да ја земе торбата и да дојде во Брисел, туку ЕУ да дојде во Албанија. Во Албанија почнавме да ја градиме Европа и тоа сакаме да го направиме“, рече Рама.
Еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеи, уверуваше дека за ЕУ и нејзините лидери е неспорно дека проширувањето е меѓу трите главни приоритети и дека без проширување Европа не може да стане посилна.
„Потребно ни е проширување на ЕУ за да стане посилна, во споредба со точката од која тргнавме. Албанија може да се подготви за членство на крајот од следниот мандат. Не само што постигнавме успех, туку разбирате дека програмата е и поефикасна од она што требаше да биде“, рече Вархеи. Тој нагласи дека во Европската комисија има уверување дека Албанија може да се приклучи во ЕУ до 2030 година поради големата посветеност да прави реформи.
За време на прес-конференцијата Рама го спомна и спорот на Северна Македонија со Бугарија и со Грција.
„Се чувствуваме тажни и стотици пати кажувам дека нашите браќа од Македонија сѐ уште не успеале да влезат во оваа фаза од процесот, иако беа први. Се чувствувам малку засрамено што треба да размислувам за понижувањето на Северна Македонија која го смени и името. Различните ставови за тоа која била мајка на народниот херој и со кого водела љубов, дали биле поврзани кога решиле да водат љубов, се многу интересни теми за историчарите, но мислам дека не се дел од сето она што нѐ поврзува да станеме дел од ЕУ. За нас и за мене, достигнувањето на ЕУ е да научиме да го гледаме патот со очите на иднината“, порача Рама.
Тој се осврна како што рече и на три понижувања со кои се соочила Албанија во процесот.
„Кога гледам дека во процесот на интеграција сменивме толку многу работи, влеговме во нова динамика на дијалог. Имаме многу нови работи кои не беа случај со другите земји кога се обидоа да станат членки на ЕУ. Новинарите го гледаат само финансискиот дел, но се работи за интеграција. Пред пет години се чинеше невозможно, денес изгледа реално. Комисијата рече дека сме подготвени, потоа зад затворени врати три пати бевме понижени. Но, она што не те убива те прави посилен. Од ова излеговме посилни и еве сме денес. Знаеме дека патот е долг, старите навики не поминуваат лесно, но за нас нема друга иднина. Сè што треба да разберете е дека кога Албанците се заљубуваат никој не може да ги запре!“, порача Рама.
Албанија ќе биде најлојална членка на ЕУ
Потоа тој упати порака до Брисел дека ЕУ никогаш нема да има полојална членка од Албанија. За договорот со Италија да прими азиланти на своја територија, Рама индиректно порача дека е дел од напорите да станат земја членка на Унијата.
„Феноменот на имиграција се решава со гарантирање на универзален пристап на ЕУ кон овој феномен. Од почит кон вас кои го следите историскиот момент на Албанија, од нас се очекува да направиме сѐ за да бидеме земја членка на ЕУ. Иако сум еден од највисоките премиери, ја претставувам една од најмалите земји. Кога влегуваш во големо семејство не можеш само да бираш десерти, понекогаш на менито треба да земеш и други работи кои не се толку вкусни. Така ја гледаме нашата посветеност, лојалност до крај. ЕУ никогаш нема да има полојална членка од Албанија“, рече Рама.
Според него, тоа не е проевропска реторика, туку „прашање на живот и смрт“, нивниот сон да им остават на генерациите што доаѓаат земја во која слободата е неоспорна и каде демократијата работи за сите.
„Албанија ги исполни сите предуслови за да ја започне оваа фаза на членство и останува цврста во исполнувањето на условите. Достигнувања во реформите во правосудството, поодговорен систем. Во нашата историја гледаме истраги од висок профил и политички личности кои се обвинети или осудени пред независни судови без разлика на партијата. Ова ќе го правиме на секое ниво за да ја осигураме безбедноста на граѓаните и да го заслужиме нашето место во ЕУ. Колку и да се продлабочува овој напредок, ние ќе го правиме тоа додека ги зачувуваме и штитиме човековите права. Спроведовме прилично прогресивна рамка заснована на европски стандарди. Нашата волја ќе биде дополнета со подзаконски акти. Ќе ја надградиме одличната работа со одличен тим на преговарачи и ќе ја зајакнеме оваа администрација за да и служи на иднината. Ова е моментот да му се заблагодариме на Орбан кој од првиот ден ни ја покажа волјата да помогне, за пренесувањето на знаењето што Унгарија го стекна во процесот на членство во ЕУ. Повеќе од кога било, на ЕУ ѝ треба Западен Балкан исто како што на Западен Балкан му е потребна ЕУ. Едно е секаде исто – желбата да се биде дел од овој сојуз. За Албанија нема друга иднина и друг пат по нашата иднина во ЕУ и на патот кон ЕУ“, рече Рама.
На крајот тој порача дека е среќен што е тука , по една емотивна и успешна сесија што ја приближува Албанија до ЕУ.
„Можеби не е препорачливо, јас сум со двајца Унгарци за кои можам да ви кажам дека се чувствуваат многу добро и безбедно, со унгарското претседателство што одигра важна улога. Ви благодариме Вархеи што нѐ поддржувавте пет долги и предизвикувачки и не многу лесни години. Јас останувам овде, со право ова е важен ден за Албанија и за Албанците. Не ни треба потсетување за важноста да работиме заедно, во овие предизвикувачки времиња кога мноштво кризи ни се приближија. За жал, не може да не се каже дека токму со помош на Путин овој процес доби нова брзина по неговата агресија во Украина и послужи како повик за будење“, поентираше Рама.
Тој вети притоа дека ќе дадат се од себе овој „извонреден прозорец на можности да не се затвори без нас, внатре во Европската унија… Ќе ја направиме Албанија подготвена за Европската унија до 2030 година“.
Втората конференција меѓу ЕУ и Албанија се одржа во Луксембург и практично беше отворен првиот преговарачки кластер „Основни вредности“, со што Тирана практично ги почнува преговорите за членство во Унијата. Овој кластер опфаќа фундаментални реформи во институциите во Албанија, вклучувајќи ги судството и основните права, јавните набавки, статистиката, безбедноста и финансискиот надзор. Од нивното спроведување, односно од напредокот во овие области ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес, како и почетокот на преговорите по другите кластери.
Албанија во 2009 година поднесе барање за влез во Европската унија, а првата меѓувладина конференција за пристапни преговори се одржа во 2022 година. Досега напредокот на Албанија на патот кон ЕУ беше поврзан со напредокот на Северна Македонија.