Рама формира ново министерство, за прв човек го предлага Бледи Гонџја, од владата заминува Маргарити


Албанскиот премиер Еди Рама објави дека се формира ново министерство за економија, култура и иновации, а се укинува Министерството за култура.

За прв човек на новото министерство го предлага Бледи Гонџја, кој моментно е на чело на Генералната дирекција за услуги во патниот транспорт.

Во исто време ја разрешува министерката за култура Елва Маргарити која овој ресор го раководи од 2018 година.

Предлогот е доставен до шефот на државата, кој треба да потпише уредба за назначување на Гонџја, односно разрешување на Маргарити, по што, имајќи го предвид бројот на пратеници од владејачкото мнозинство тоа само формално ќе помине во законодавниот дом.

Според Рама, оваа измена во владата е „неопходна за новата фаза на развој“.

– Неопходно е денес да се придвижиме кон интегриран владин пристап во однос на секторите економија, култура и иновации, кои за новата развојна фаза во која штотуку влеговме, мора да ги напуштат тесните традиционални граници на  владата и тесно да комуницираат со секој друг. Ова посебно во услови кога дигиталната технологија навлезе како нова сила на времето во сите области на животот и бара стратешка насока, владејачка ориентација и меѓусекторска координација, напиша тој на платформата Х.

Тој додава дека за оваа стратешка потреба од оваа нова фаза на развој, одлучил да ја смени структурата на владата и да создаде ново Министерство за економија, култура и иновации „кое ќе ги обедини во едно деловите кои моментално функционираат одделно во соодветните министерства за финансии, економија и култура”.