Ралповски, не штрајкуваш? За награда член на управен одбор
Членството во управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е прилично одговорна работа. Годишно од таму се пренасочуваат неколку милијарди евра до пензионерите. За таа работа треба и познавање.
Можеби претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, има познавање за да биде дел од управниот орган на Фондот. А сигурно има познавање како да го стиша незадоволството на работниците кои се членови на КСС да не излегуваат на улиците да се борат за своите права и да покажува големо разбирање за политиките на владата. Некои велат дека КСС е провладин синдикат (на оваа влада). Владата имаше разбирање за разбирањето на Ралповски на нејзините политики па го именуваше за нов член на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Тој на тоа место оди како претставник на синдикатот кој е репрезентавен член на Економскиот совет, во случајов КСС. Одлуката е донесена на седница на владата на 3 февруари. И веќе објавена во „Службен весник“.
Сега Благоја Ралповски ем ќе го води синдикатот КСС во борба за поголеми работнички права и плати ем ќе биде дел од раководните органи кои треба да преговараат со синдикатите.
Пет дена подоцна, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски и претседателот на Синдикатот на администрацијата, државната управа и правосудството (САДУ), Благоја Ралповски, постигнаа договор со Владата за потпишување поединечни колективни договори со кои вработените во управата и правосудството ќе имаат методолопгија за покачување на платите до 2028.
Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов тврдеше дека Ралповски е награден со место во УО во Фондот за здравство бидејќи не излегува на протестите.
На новинарско прашање дали КСС ќе го поддржи протестот на ССМ за минимална плата, Ралповски одговори дека немаат покана, но „ќе има поддршка“.
По постигнувањето на договорот за администрацијата, Ралповски изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски кој, како што рече, имал разбирање за овие вработените. Ралповски упати благодарност и до министрите, особено до министерката за финансии.