Раководството на бугарските социјалисти поднесе оставка, лидерката Нинова – не


Лидерката на БСП Корнелија Нинова призна дека гласачите ја сметаат партијата како дел од статус-квото, но не знае како да го смени тоа

Корнелија Нинова вели дека резултатите се тежок пораз, но не и апокалипса, и дека сега најмногу ѝ треба на партијата

 

Извршниот одбор на Бугарската социјалистичка партија (БСП) поднесе оставка по катастрофалниот резултат на изборите во неделата, но не и лидерката на партијата Корнелија Нинова. Според 92 отсто од пребројаните резултати БСП е на третото место зад ГЕРБ и новата партија Има таков народ, со 15 отсто од гласовите. Пред четири години БСП освои 27,2 проценти.

Одлуката за оставка од раководството ја објави самата Нинова во гостувањето на една телевизија.

„Целиот извршен одбор само што поднесе оставка. Одлучивме да свикаме Национален совет во најрана можност да избереме нов Извршен одбор. Нема да поднесам оставка. Јас бев избран пред само шест месеци со големо мнозинство во партијата“, рече Нинова. Неколку членови на раководството побарале оставка и од неа.

Нинова, како што објавуваат бугарските медиуми, има намера да остане на функцијата за да не ја фрлела во хаос партијата во моментот кога се формира парламент и може да има предвремени избори. Таа рече дека резултатите биле тежок пораз, но не и апокалиптична слика за БСП.

По неуспехот на европските избори во 2019 година Нинова поднесе оставка, но потоа ја повлече. Нинова призна дека гласачите очигледно го прифаќаат БСП како дел од статус-кво состојбата во државата. „Ова е наша голема грешка и вина – што не успеавме да докажеме дека сме опозиција и алтернатива во текот на овие години“, рече таа.

Нинова нагласува дека дека БСП нема да поддржи ниту една влада предложена од ГЕРБ – со или без Борисов, со експерти или политичари.

„Нека му се даде првиот мандат на ГЕРБ, ние ќе гласаме против нивната влада, кога ќе дојде вториот мандат – ќе разговараме“, рече Нинова, додавајќи дека БСП е за „коалиција против ГЕРБ“. (Н.В.)