Раководител на бензинска пумпа станал член на управен одбор


Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) објави истражување за изборот на членови на управните и надзорните одбори во 30 најголеми државни претпријатија во земјата.  Според истражувањето, ни Владата ни единиците на локалната самоуправа немаат официјален документ што го регулира процесот на селекција на членовите на раководните органи на претпријатијата што ги основаат. Тие не објавуваат огласи за избор на членови во раководните органи на државните претпријатија, не вршат проверка на квалификуваноста ниту, пак, ги интервјуираат потенцијалните кандидати.

-Од обемното истражување во кое беа вклучени и основачите и претпријатијата, не можеше да се утврди кој, врз основа на кои критериуми и во каква постапка им предлага на Владата и на општинските совети да ги изберат токму тие лица за членови на управните и на надзорните одбори. Со оглед на целосната нетранспарентност на процесот, оправдан е сомнежот дека списоците за именување на членови на управните и на надзорните одбори на претпријатијата во државна сопственост се составуваат надвор од институциите, односно во партиските кругови.

Како членови на управните одбори во најголемите државни претпријатија се јавуваат многу политички кадри, секторски директори во други државни претпријатија, припадници на државната администрација, сметководители во приватни компании, секретари на училишта, педагози, психолози па и раководител на бензинска пумпа, сопственик на златарски дуќан итн.

Само една третина од членовите на надзорните одбори за контрола на материјално-финансиското работење имаат економско образование и поседуваат знаења и искуство од дејноста на финансиското и сметководственото работење„, стои во истражувањето.

Со биографии на членовите на управните и на надзорните одбори на дел од државните претпријатија не располагаат ниту основачите, ниту самите претпријатија.

Според Центарот за граѓански комуникации, висината на надоместокот за членовите на одборите се движи од 800 денари по одржана седница, колку што се плаќа во Комуналец – Прилеп, до 27.000 денари месечно, за претседателот на Надзорниот одбор на Македонската радио-телевизија. Гледано на годишно ниво, најголеми вкупни трошоци за членовите на одборите има Водовод и канализација-Скопје, и тоа 2,2 милиони денари, односно околу 36 илјади евра.