Ракописот „Цветко“ добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема за 2021 година
Авторскиот труд „Цветко“ на авторот под шифра „Когито“ е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2021 година што традиционално ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид.
Одлуката поемата „Цветко“ да ја добие наградата била донесена едногласно од страна на тричленото жири во состав проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, проф. д-р Мишел Павловски и д-р Славчо Ковилоски.
Во образложението на одлуката се наведува дека поемата „Цветко“ пишувана во модернистички манир, претставува вешто компониран поетски исказ, сугестивен и хармоничен, згуснато сензитивен и напати спокоен, кој, преку навидум едноставниот лирски расказ за животот на Цветко, отвора суштински егзистенцијалистички прашања.
-Поемата има изградено цврста интегрирана приказна со структурна издиференцираност во мотивски поглавја, обединети околу одредени семантички јадра, кои го следат животот на главниот лик – Цветко, се наведува во појаснувањето.
Поемата ја третира вечната тема за човековата ранливост и минливост, (не)исполентоста на очекувањата во дослух со самиот себеси, но и со традицијата, менталитетот, обичаите карактеристични за поднебјето под кое живееме, каде низ слободен стих се движи содржината на случувањата во ритам и стилска одржливост со помош на едноставен јазик, ставен во функција на пораката која треба да ја пренесе. Поемата комуницира и со културните симболи на времето, умешно вградувајќи ги во сопствената поетика.
-Авторот/авторката, амбиентот на случувањата на моменти сака да ни го долови низ мелодијата, аромата и здивот на песните на Бери Вајт, иконата на фанкот и соулот, низ музиката на Тајм, Стонси, Квин и Стинг, и на тој начин да нѐ пренесе во некои животни модалитети на 70-тите, 80-тите и 90-тите години на 20. век, но и деконструирајќи ги и прилагодувајќи ги во сопствената естетика, се додава во соопштението од НУЦК „Григор Прличев“.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ што се одржува на почетокот на февруари.