Рајков: За немањето напредок со Македонија виновни се други земји членки на ЕУ


 
 Марин Рајков, поранешен премиер и министер за надворешни работи на Бугарија, на трибината организирана во Софија порача дека интерес на Бугарија е Македонија да ги започне преговорите за идно членство во Европската Унија, но дека границата што не дели – мора да биде што е можно пониска.  Тој смета дека Бугарија не ја уценува Македонија во ЕУ, како што тврдат се повеќе некои политичари кај нас, туку има „легитимни и праведни очекувања“.
 
„Нема причина да ги уценуваме нашите браќа во Скопје. Ние сме братски земји. Делиме исти јазични традиции, делиме заедничка историска меморија“, рече  Рајков. Според него, смешно е да се дефинира како уцена  поставувањето услови за почеток на преговорите бидејќи  целиот процес на пристапување е условен процес.
 
„Нема причина Бугарија, која го помина целиот овој процес на исполнување одредени барања и услови, сега да прифати дека истите тие услови и барања нема да важат за следните. Нема логика  и тоа е во спротивност со европските процедури и вредности“, рече амбасадорот Рајков. 
 
Проблем според него е што некои земји членки на ЕУ не ги прифаќаат бугарските барања и со тоа го попречуваат постигнувањето на консензус.
 
„Бугарија е под притисок да постигне консензус. Ова е крајно неетички притисок и не одговара на самите практики на ЕУ. Ако се постигне консензус со притисок, тој станува пародија. Постигнатиот консензус со притисок врз една земја е пародија“, категоричен е  Рајков, нагласувајќи дека Македонија не прави напори за реформи и не прави ништо, бидејќи очекува притисокот врз Бугарија да се исплати.
 
„На овој начин, неколку земји кои вршат притисок врз нас се одговорни за недостигот на напредок во започнувањето на преговорите. Tие се одговорни за реформската мрзеливост на Скопје и за континуираниот демократски дефицит“, беше уникатното алиби за ветото на Рајков.
 
Тој се фокусираше и на бугарските очекувања.
 
„Вклучувањето на македонските Бугари во Уставот не може да не се случи. Зошто ова треба да биде предмет на преговори, тоа треба да се случи само по себе? Вклучувањето на Бугарите во Уставот не е како малцинство, бидејќи нема малцински прашања во односите меѓу РСМ и Бугарија. Нема македонско малцинство во Бугарија, ниту има бугарско малцинство во РСМ. Зборуваме за дел од бугарскиот народ кој живее на територијата на РСМ, а тоа е нешто сосема друго, зборуваме за државотворен народ. Нивното вклучување ќе им даде на неговите претставници  не само достоинство, туку и правни инструменти за заштита на нивните права, ќе се запре сатанизацијата на Бугарите, ќе се запази принципот на еднаквост“, рече Рајков.
 
Сепак, тој смета дека темата за еднаквост и уставни права е клучна, но не е единствена и не ги исцрпува бугарските очекувања. Четирите други важни точки се  заедничката историја, откажувањето од барањата за создавање малцинство, рехабилитација на жртвите од комунизмот и  крај на говорот на омраза.
 
„Денес Бугарија мора да биде подготвена за конкретна ситуација која ќе трае долго. Ситуација на полемика со братска земја, партнер. Ова нема да заврши сега или следната година. Ако не сме подготвени да ја водиме оваа битка долго време, се плашам дека изгледите нема да бидат позитивни. Затоа, европската перспектива на РСМ нема алтернатива, таа е братска земја, но ние имаме наши очекувања и ни требаат гаранции за интересите и достоинството на бугарскиот народ“, заклучи Рајков.