Рајанер ги намали загубите


Ирската нискобуџетна авиокомпанија Рајанер ја намали загубата на крајот на 2021 година и значително ги зголеми приходите благодарение на закрепнувањето на воздушниот сообраќај по олеснувањето на мерките насочени кон спречување на ширењето на коронавирусот.

Компанијата последните три месеци од 2021 година ги заврши со загуба од 96 милиони евра, три пати помалку од истиот период лани. Приходот се зголеми за повеќе од четири пати во третиот фискален квартал, на 1,47 милијарди евра.

Во Рајанер посочуваат дека патничкиот сообраќај нагло се опорави на крајот на 2021 година кога беа превезен и 31,1 милиони патници, речиси четири пати повеќе отколку во истиот период претходната година, и покрај тоа што омикрон варијантата им наштети на резервациите и цените на билетите за Божик и Нова Година.

Клучниот приход од продажбата на билети се зголеми повеќе од четири пати, на 790 милиони евра, поради силното закрепнување на прометот. Факторот на оптоварување исто така се подобри, за 14 процентни поени на 84 отсто, од 70 отсто пред една година.

Рајанер ја потврди годишната проценка дека во фискалната 2022 година треба да превезе „малку помалку“ од 100 милиони патници. Тие ја зголемија прогнозата за нето загуба, на 250 до 450 милиони евра, нешто поширок опсег од вообичаеното поради неизвесноста што ја носи Ковид 19.

Досега очекуваа загуба за финансиската 2022 година во опсег помеѓу 100 и 200 милиони евра.